X
 03.03.2022 Живот

Која е Олена Зеленска - првата дама на Украина?

На 24 февруари, кога Русија почна специјални воени операции во нејзината татковина, а нејзиниот сопруг и семејството беа главна цел, таа уште еднаш покажа љубов кон својата земја, умереност, сила, нежност, но и охрабрување на сонародниците.

Олена Зеленска, првата дама на Украина, го привлече вниманието на целиот свет поради комбинација на несреќни околности на кои никој не се надеваше во 21 век.

Денешната прва дама на Украина е родена во Криви Рих, Југоисточна Украина, на 6 февруари 1978 година. Студирала и дипломирала архитектура, а подоцна својата кариера ја насочила во друга насока - станала сценарист и продуцент и со сопругот го основала продукциското студио „Студио Квартал-95“ за продукција на филмови и телевизиски серии, но и организација на концерти.

zelenski
Фото: Instagram

Нивниот бизнис бил многу успешен, а таа стекнала голема почит како сценарист. Згора на тоа, таа го напишала сценариото за емисијата на Зеленски за политичка сатира наречена „Слуга на народот“, благодарение на која тој стекнал толкава популарност што на крајот победил на претседателските избори.

Тие се венчале во септември 2003 година, пред да почне политичката кариера на Зеленски. Тој заборавил да ја извести сопругата за неговата одлука да се кандидира за претседател, па таа дознала од социјалните мрежи.

- Зошто не ми кажа? - го прашала таа, на што неговиот одговор бил: - Заборавив.

На почетокот не била многу среќна за неговите планови.

olena
Фото: Instagram

- Сфатив дека сè ќе се промени и со какви тешкотии ќе треба да се соочиме - изјави таа во едно интервју во 2019 година, години пред нејзиниот сопруг да стане лице на украинскиот отпор кон руската инвазија.

Кога сосема неочекувано стана прва дама на Украина, таа улога ја искористи за хуманитарна работа, но и за зајакнување на жените.

- Од моментот кога станав прва дама на Украина, ја сфатив улогата што можам да ја одиграм во поддршката на хуманитарните цели, особено затоа што социјалните цели беа моја страст во текот на мојата кариера - рече Зеленска и додаде дека научила како да се обедини со другите првите дами во светот за заедно да го искористат своето влијание за општо добро.

Затоа таа ја покрена иницијативата за самитот на првите дами и господа во Киев во август 2020 година. Таа рече дека учесниците на самитот презеле заедничка заложба за решавање на хуманитарните предизвици на глобално ниво и за постигнување на целите за одржлив развој на Обединетите нации.

- Предизвиците на пандемијата на ковид-19, вклучително и оние во образованието, здравството и родовата еднаквост, се наши непосредни приоритети. Иако ова е само првиот чекор, фактот што сега работиме заедно за да ја искористиме нашата моќ за да ги решиме овие проблеми веќе прави разлика. Земјите соработуваат и се залагаат да направат повеќе за да ги решат овие проблеми - изјави Зеленска.

Тогаш таа рече дека верува во дипломатијата и доброто во луѓето, а истовремено истакна дека сите земји на некој начин биле испреплетени низ историјата.

Покрај тоа, таа зборуваше за главните области на нејзината активност, особено за иницијативата за реформа на системот за исхрана во училиштата, иницијативата за Украина без бариери, која има цел да создаде еднакви можности за сите Украинци и многу повеќе.

Секако, забележано е и нејзиното чувство за мода, а ни тоа не е случајно. Како што рече во една пригода, таа секогаш носи облека од украински дизајнери за да ја промовира модната индустрија на нејзината земја.

Сепак, тоа е само дел од она што таа го направи, а нејзината иницијатива за жени жртви на злоупотреба е особено за пофалба.

instagram
Фото: Freepik

Во текот на 2021 година, како што тогаш објави првата дама, во Украина беа отворени 28 нови прифатилишта за жртви на семејно насилство, заедно со дневни центри и служба за итни случаи.

Според нејзините зборови, во Европа прописите налагаат едно место во засолниште на секои 10.000 жители, а пред нејзината иницијатива Украина имала 16 засолништа низ целата земја, кои не го опфаќале секој регион.

На жените им била понудена и правна помош, особено оние што доаѓаат набрзина и се без документи, а можат да останат во прифатилиштето до шест месеци. Во тој период им се дава психолошка помош и помош за наоѓање работа за да можат да застанат на свои нозе.

Во септември 2020 година Украина доби официјален статус како членка на Бијариц партнерството, Меѓународната иницијатива за еднакви права и можности, а пристапувањето кон Партнерството за мир беше иницирано од првата дама во декември 2019 година, по само неколку месеци откако нејзиниот сопруг стана претседател на Украина.


На 24 февруари, кога Русија започна специјални воени операции во нејзината татковина, а нејзиниот сопруг и семејството беа главна цел, таа уште еднаш покажа љубов кон својата земја, умереност, сила, нежност, но и охрабрување кон сонародниците.

- Денес нема да паничам и да плачам. Ќе бидам мирна и самоуверена. Децата ме гледаат. Ќе бидам до нив. И до мојот сопруг. И со тебе. Те сакам! Ја сакам Украина! - напиша таа на социјалните мрежи.

Таа подоцна сподели фотографија од новороденче во импровизирано засолниште во метрото.

- Тоа требаше да се случи во сосема други услови, под мирно небо. Тоа е она што децата треба да го видат. Но, главната работа е што и покрај војната, на нашите улици, имаше лекари и грижливи луѓе. Таа ќе биде заштитена и одбранета. Затоа што вие сте неверојатни, драги сонародници! Во тие два дена сите станавте војска. Во метро, ​​засолништа, со деца и домашни миленици - ти си ја работиш работата, имаш време да се грижиш за другите, да си помагаш - изјавила тогаш Олена во своето соопштение упатено до украинскиот народ.

- Ние сме војска, ние сме армија. А децата родени во засолништа ќе живеат во мирна земја која ќе се одбрани - напиша таа.

Извор: Washington Post
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот