X
 03.04.2018 Наука

Тестот на еден научник се обидува да одговори на прашањето колку сте мудри?

Дали е возможно да се дефинира, измери или да се подобри мудроста на еден човек? Психијатарот Дилип Јесте се обидува да одговори на овие прашања.

За да го процениме нашето здравје, се мериме, го мериме крвниот притисок и го проверуваме холестеролот. Но еден научник се обидува да ја разбере врската помеѓу нашата благосостојба и нешто што е многу потешко да се измери: нашата мудрост. Тимот предводен од геријатрискиот психијатар Дилип Јесте бара научно разбирање на оваа особина - нејзино дефинирање, лоцирање во мозокот, па дури и мерење. Нивната крајна цел? Да научат како една личност може да ја подобри својата мудрост, исто како што пациентот може да го подобри своето кардиоваскуларно здравје.

Луѓето размислуваат за мудроста илјадници години. Од Стариот завет и Аристотел до современите книги за самопомош. Во Индија тоа е религиозен текст што многу Индијци го сметаат за основна филозофија на животот. Како дете кое пораснало во Индија, Јесте ја прочитал книгата. Но кога започнал да учи во медицинско училиште, а подоцна и на геријатриската психијатрија во Америка, едвај се сеќавал на книгата.

Години подоцна се сетил на книгата кога спроведувал истражување за стареењето и шизофренијата. Истражувањето покажало дека како што старееле луѓето со шизофренија, така се чинеле посреќни и постабилни. Нивните симптоми се подобрувале и третманот повеќе функционирал. Во следно истражување спроведено на 1.006 лица без шизофренија, на возраст помеѓу 50 и 99 години во Сан Диего, Јесте повторно открил дека луѓето стануваат посреќни како што стареат, дури и кога нивното физичко здравје се намалува. Што се подобрува со стареењето и што доведува до чувство на поголема целокупна благосостојба? Тој се сетил дека учел за важноста на мудроста преку индиската книга и дека луѓето стануваат помудри како што стареат. „Почнав да се прашувам што се подразбира под мудроста на стареењето“, вели тој.

За да ја разбере мудроста како психијатар, на Јесте му била потребна дефиниција - не религиозна или филозофска, туку научна. Тој и неговите колеги започнале да се занимаваат со проблемот од неколку различни агли. Прво ја разгледале научната литература, барајќи заеднички содржини меѓу 31 статија што обезбедувале дефиниција за мудрост. Исто така, ги синтетизирале мислењата на 27 научници во области вклучувајќи ги геронтологијата, социологијата, психологијата и психијатријата. Конечно, тимот се вратил на индискиот текст и искористил софтвер за анализа на текст и статистики за да ги издвои дефинициите за мудроста од ова старо дело. Кога ги споредил трите пристапи, открил изненадувачки слични резултати.

Кога станува збор за мудроста, Јесте открил дека и модерната наука и античката филозофија укажуваат на шест клучни квалитети: општо познавање на животот, добро расудување во социјални ситуации, контрола над емоциите, про-социјално однесување, како што се емпатијата, сочувството, алтруизмот и чувството на праведност, увид во сопствената личност и нечии постапки, вреднување на релативизмот и одлучност.

Јесте и колегите создале скала на мудроста наречена „SD-WISE“, врз основа на 24 изјави, 4 изјави за секоја од шесте компоненти на мудроста. Тие ја администрирале скалата онлајн на 500 случајно избрани луѓе во Сан Диего, на возраст од 21 до 100. Од субјектите било побарано да оценат колку силно се согласуваат со изјавите како: „Не можам да ги филтрирам моите негативни емоции“ или „Ќе застанам странец на кој му паднале 20 долари за да му ги вратам“, што го тестира просоцијалното однесување.

Мудроста, како што се мери со овој тест, се чини дека е поврзана со среќата. Високите резултати на „SD-WISE“ кореспондираат со повисоките резултати на тестовите за благосостојба и среќа, што ги поддржуваат претходните наоди на Јесте за стареењето на луѓето со и без шизофренија. „Нашата хипотеза е дека мудроста е добра за личноста и за општеството“, вели тој.

Но за да докаже дека мудроста всушност ги тера луѓето да бидат посреќни, истражувањата треба да мерат како зголемената мудрост влијае врз благосостојбата на субјектите. Освен тоа, останува прашањето дали дефиницијата на мудроста на Јесте може да се примени на други култури.

Јесте се надева дека еден ден науката ќе може да ни помогне да ја зголемиме нашата мудрост. Универзалната, биолошка основа како „SD-WISE“ можеби е првиот чекор кон она што го нарекува „наука за мудроста“.

Тестирајте се колку сте мудри?

Ова се прашањата од скалата за мудрост. Ова не е тест со поени, но можете да ги погледнете изјавите, да размислите како тие се применуваат кон вас и на што би можеле да работите за да се подобрите.

Фактор: Социјално советување

1. Јас сум добар во согледувањето на туѓите чувства.
2. Другите од мене бараат да им помогнам да направат избор.
3. Другите велат дека давам добри совети.
4. Често не знам што да им кажам на луѓето кога доаѓаат кај мене за совет.

Фактор: Одлучност

5. Имам проблем при донесувањето одлуки.
6. Обично донесувам одлуки навремено.
7. Имам склоност да го одложувам донесувањето големи одлуки онолку колку што можам.
8. Би сакал друг да донесе одлука за мене ако не сум сигурен.

Фактор: Емоционална регулација

9. Не можам јасно да размислувам кога сум вознемирен.
10. Останувам смирен кога сум под притисок.
11. Можам лесно да закрепнам по емоционален стрес.
12. Не можам да ги филтрирам моите негативни емоции.

Фактор: Увид

13. Оставам време за да размислувам за моите мисли.
14. Избегнувам саморефлексија.
15. Важно е да ги разберам причините за моите постапки.
16. Не го анализирам сопственото однесување.

Фактор: Просоцијално однесување

17. Имам тешкотии да одржувам пријателства.
18. Избегнувам ситуации во кои знам дека мојата помош ќе биде потребна.
19. Ќе застанам странец на кој му паднале 20 долари за да му ги вратам.
20. Се однесувам со другите на начин на кој би сакал да се однесуваат со мене.

Фактор: Толеранција за дивергентни вредности

21. Уживам во учењето работи за другите култури.
22. За мене е во ред другите да имаат морали и вредности различни од моите.
23. Генерално, учам од секоја личност што ќе ја сретнам.
24. Уживам кога сум изложен/а на различни гледишта.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука