X
 03.05.2019 Живот

13 факти за земјата што има министерство за среќа и нема бездомници

Бутан е мистериозна и сликовита земја сместена меѓу Индија и Кина, која беше затворена за туристи до 1974 година. Денес секој што е подготвен на прилично комплицираниот процес за виза и има доволно пари може да ја посети оваа земја.

Сепак, иако границите се отворени, кралот сè уште се обидува да го ограничи бројот на туристи со различни методи. Како и да е, ви претставуваме неколку интересни факти за оваа земја со околу 800.000 жители.

1. Немаа интернет, ниту телевизија

Во Бутан интернетот и телевизијата официјално беа забранети до 1999 година. Сепак, беше невозможно да се изолира цела земја од модерната технологија, па кралот одлучи да го укине тоа правило. Бутан е последната земја на светот што почна да користи телевизија.

2. Министерство за среќа

За да може да се грижат за внатрешниот мир на луѓето, во Бутан во 2008 година е основан Одбор за бруто-национална среќа. Дури и на пописот на население постои колона во која можете да наведете дали сте задоволни од животот или не. Освен тоа, Бутан е една од неколкуте земји во светот што имаат министерство за среќа, па како што многу земји мерат БДП, тие мерат и среќа. Квалитетот на животот е одреден со рамнотежа меѓу нивните финансиски и ментални вредности.

3. Нема бездомници

Во Бутан никој не живее на улица. Ако некој човек го изгуби домот, треба само да му се јави на кралот, кој ќе му подари парче земја на кое ќе може да си изгради куќа и да одгледува овошје и зеленчук.

4. Бесплатно здравство


Секој жител на Бутан има право на бесплатно здравство. И традиционалната и класичната медицина се вообичаени во Бутан, а пациентот може сам да одлучи за начинот на лекување.

5. Национален дрес-код

Луѓето во Бутан носат традиционална облека. Мажите носат одори до колена, а жените долги фустани. Општествениот статус на лицето е идентификуван со бојата на шалот кој е префрлен преку левото рамо. Обичните луѓе носат бели марами, а благородништвото и свештените лица носат жолти.


6. Забрана за пушење

Кралот на Бутан донесе закон со кој се забранува одгледување, жетва и продажба на тутун во земјата. Таму е невозможно да се купи тутун. Туристите што ќе успеат да ги соберат сите потребни документи за минување на границата мора да платат голем надомест ако сакаат да носат цигари.

7. Грижа за животните и за природата

Земјата навистина води грижа за екологијата и природата, а особено внимание се посветува на стеблата. Во 2015 година Бутан постави и светски рекорд кога луѓето засадија 50.000 стебла за само еден час.

8. Кујна

Повеќето жители на Бутан се будисти. Со оглед на тоа дека таа религија го почитува целиот животински свет, вегетаријанството е многу често. Главната намирница што ја користат е ориз, но обичниот ориз не може да успее на тие висини, па луѓето одгледуваат црвен, кој е прилично тврд и има специфичен вкус.

9. Туризам

Иако кралот ја отвори земјата за туристи, ним не им е дозволен пристап во целата земја. Бутан можат да го посетат само со група други туристи.

Сите документи и визи ги издава компанија именувана од страна на државата. За да добиете дозвола, морате однапред да ги платите сите трошоци (авионски карти, хотел, такси, услуги од туроператори и водичи, виза и осигурување).

Во земјата можете да патувате само со водич - никогаш не би имале можност сами да се прошетате. Организаторот на патувањето нуди разни забавни програми за сите туристи. Еден ден обично чини околу 250 долари.

10. Традиција на наследство

Во Бутан жените се ценети и почитувани, а нивната традиција на наследување е доказ за тоа. Сиот имот го наследува најстарата ќерка, а не синот.

11. Екологијата е најважна

Додека целиот свет е преокупиран со ознаката „био“, Бутан е жив био. Кај нив е противзаконско да се увезуваат или користат хемиски производи. Сè што се користи таму се одгледува во земјата и е целосно природно.

12. Традиција на венчавање


Во Бутан е забрането да влезете во брак со странец. Кралот прави сè што може за да ја зачува единственоста и изолацијата од остатокот од светот. Во текот на церемонијата на венчавање, свештениците читаат мантри. Се верува дека тој процес им овозможува на младенците да изградат цврсти ментални врски. Дури откако ќе се изведат сите потребни ритуали, парот ќе стане семејство. По правило, мажот оди во куќата на жената, а кога ќе заработи доволно пари, може да се иселат во друга куќа.

13. Патишта

Во главниот град на Бутан, Тимбу, воопшто нема семафори, но тоа не е никаков проблем за луѓето - сите знаци се нацртани со рака. 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот