X
 03.05.2019 Образование

Меѓународен натпревар по механотроника „Балкан јуниор 2019“ викендов во Охрид

Електромашинскиот училиштен центар „Св. Наум Охридски“ е домаќин на седмиот по ред Меѓународен натпревар од областа на електротехниката и механотрониката што викендов ќе се одржува во Охрид.

На натпреварот „Балкан јуниор 2019“ учествуваат екипи со ученици и ментори на технички училишта од сите држави на поранешната заедничка југословенска заедница, како и од Турција и од Романија.

Директорот на ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески, за МИА појасни дека самото натпреварување ќе биде од областа на механотрониката, а ќе се состои од два дела – демонстрација на знаења и вештини во практичен и теоретски дел.

- Учениците во теоретскиот дел ќе одговараат на 30 случајно одбрани прашања од областа, додека практичниот дел се состои во изработка на гравирана плочка за подвижна врата. Учениците ќе треба да ја изработат подвижната врата, а ќе се оценува брзината, како и прецизноста на изработката на самата гравура - рече Недески.

Фото: МИА

Резултатите од двете категории се сумираат, по што ќе бидат прогласени победниците.

Самото натпреварување „Балкан јуниор“ е осмислено со цел поврзување на стручните училишта од областа на машинството и електротехниката од регионот, преку размена на искуства, промовирање на меѓукултурна соработка и запознавање со образовните искуства и животот во државите од соседството. Императиви на проектот се унапредувањето на знаењето, подигнување на нивото на знаења и компетенции на учениците и наставниците во средните стручни школи, како и поттикнување на нивната креативност.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование