X
 03.05.2020 Живот

Подобро е една громогласна апокалипса отколку секојдневно мало умирање ден за ден, ноќ по ноќ, час по час

Па колку симпатични беа сите стравови како ќе издржиме во војска со сета таа ограничена слобода. Да, тогаш момците стрепеа од секој туѓ поглед и се плашеа за денот кога треба да појдат и одеа од еден на друг да прашуваат дали е толку страшно и опасно. Ех, верувам дека половина мажи сега би се менувале за еден таков многу страшен „затвор“

Автор: Проф. д-р Мирослав Пендароски

 

Пред некој ден еден млад човек, кого го познавам одредено време, ме праша што ми значи тоа – Пирова победа?! Првично, искрено, бев така малку изненаден како тоа денешниве генерации толку малку поими знаат од не така далечното минато, па си реков, брееј мајката, јас помнев изрази од дедо ми кои се кажувале уште во 45-та! Нејсе, по малку време си реков, ма дај, олади, што мора па младите сѐ да знаат, иако не ми беше драго што тој не беше свесен оти иднината се гради врз базата на минатите всадени вредности кои некој друг порано ги беше засадил.


Секако, како и секогаш, сакам да дискутирам со младите и без ни трошка ликување му реков, драг пријателе, тоа ти е нешто како она чувство кое го имаш дека нешто што си го претпоставувал за точно, тогаш кога се покажало како такво тебе не ти вредело ни пет пари затоа што си го добил доцна, или, пак, со докажувањето на својата вистина или со сопствениот успех не си добил ништо што го променило крајниот резултат. Буквално, Пирова победа, нели, значи, дека победата не значи многу затоа што не ги менува значајно веќе променетите нешта. Но, мојата идеја беше преку сопственото искуство да доловам дека за мене тоа е она чувство кога си предвидел нешто што не си сакал да биде по твое бидејќи длабоко во себе си посакувал да згрешиш, а на крајот не си згрешил, туку си погодил. И тогаш кога другиот ти честита велејќи ти браво, ти беше во право, ти со кисела финост му возвраќаш едно едвам фала ти, колнејќи си ја сопствената пророчка телепатија по не знам којпат.

Е па, овие денови одеднаш, во новата ера на повлекување во моите 62 квадрати живејачка, како во проблесок сфатив дека, за жал, многу сум бил во право за некои нешта што ги пишувам последниве 10-ина години за кои најмалку сум сакал да сум прав. Имајќи време, ги разлистав повеќето текстови што сум ги чкрабал и некои од книгите и дојдов до заклучок дека сум пишувал за безобразно тешки, опасни и неизвесни теми: љубовта, довербата, искреноста, душегрижништвото, тагата, осаменоста, отуѓеноста итн. Но, мислата ми застана на слободата како вечна тема. Се смрзнав кога сфатив колку сум бил во право и колку ми е криво што било така. Имено, на многу места сосема безобразно, дрско и без периз на устата, сум глаголел како тоа слободата е состојба на умот, како тоа изборот во животот е најважен и колку слободата е одговорност, а одговорноста е демон од кого бегаат најмногу баш тие што ја посакуваат слободата.

Мирослав Пендароски

Токму така, ја посакуваат, ама само мечтателски, не прават ништо за да ја добијат оти тоа е ѓаволски тежок конструкт за живеење. Нејсе, толку тешко ми падна фактот оти никогаш не очекував толку бргу по моите визии да го дочекам почетокот на апокалипсата на човековата слобода. Ако направиме мала анализа, ќе видиме дека многу т.н. теории на заговор, или некои гатачки претсказанија велеа оти апокалипсата ќе дојде некаде со почетокот на третиот милениум.

Има ли рецепт за среќа? Професорот Пендароски подготви дневно мени и клуч за среќо-тест

Па, еве го! Ова е само почеток на третата декада и крајот на тешката втора токму од новиот милениум. Можеби во претсказанијата се велеше дека апокалипсата ќе биде темен божји коњаник со орканска сила кој сите ќе нè смрзне, заледи и однесе во пеколот. Можеби луѓето ја очекуваат како некаков голем негативен Биг-бенг од кој ќе се разори сета екумена. Ама, јас одамна почнав да разбирам дека поинаку изгледа апокалипсата и повеќе одговара на денешниот живот. Дека таа ќе доаѓа, полека, мачно, ден за ден, со периоди на олабавување и давање на човештвото малку здив да земе и троа земни задоволства, после кои ќе испраќа предупредувачки знаци. Нема ни место во овој текст за сето тоа, па затоа само делот за слободата.

И одеднаш, ме заплиснаа милион тажни слики за тоа колку бев среќен некогаш кога враќајќи се во 5 часот наутро поднапиен и добро никотинизиран се плашев стариот да не ме праша она добро социјалистичко прашање – да не си пиел? Ај дувни! Па не дај боже ако му замирисаш, добиваш една прописна татковска шлаканица која доообро се памети!

Ах, како сега додека не смеам да излезам поради невидлив светски непријател би се менувал за еден толку убав миг на слободата за која вреди и добра шлаканица. Па колку е всушност убаво кога некој на кого му значиш ќе те бара дали си се вратил навреме, а ти мрчиш тогаш дека некој ти ја загрозува слободата и те контролира. Па како сега архаично секси изгледа стравот со кои пари ќе ја однесеш новата девојка на кафе и што ако види дека си клошар со душа. Па колку се убави ситните нервози со студентите кои те викаат на кафе за да ти се убутаат под кожа за оценка плус, а ти се правиш демек строг професор. Ах, па колку фалат тераписките групи во кои сите горат да дознаат што ново се случило, а јас се плашам дали ќе излезам накрај со новиот член со бордерлајн.
Дури и стравот од третата светска војна сега изгледа фантазерски футуристички наивно и дури мистериозно и плашникаво интересно. Зошто?! Затоа што подобро е една громогласна апокалипса отколку секојдневно мало умирање ден за ден, ноќ по ноќ, час по час поради една огромна неизвесност која најмногу владее со новиов свет од кој се очекуваат многу повеќе јаснотии. Ма какви. Сега она – „Као Какао“ на „Леб и сол“ ни изгледа баш некако визионерски, нели. Сите демек сме слободни и живееме, а всушност не е така, или не е баш така.

Па колку симпатични беа сите стравови како ќе издржиме во војска со сета таа ограничена слобода. Да, тогаш момците стрепеа од секој туѓ поглед и се плашеа за денот кога треба да појдат и одеа од еден на друг да прашуваат дали е толку страшно и опасно. Ех, верувам дека половина мажи сега би се менувале за еден таков многу страшен „затвор“. Ех, каде се тие денови кога на девојките најстрав им беше дали момчето ги сака нив или нивните другарки. Или стравовите на напуштените – како сега ќе живеам после него/неа. Ма, ми доаѓа на сите непријатели дниве да им простам и да им кажам, батали, нема поента твојот инает и твојата повреда, исти сме, исти сме сите, сите во иста дупка, сите исто исплашени и мали. Дури и непријателството полека губи на значење, а е толку човечка фалинка. Па, мајката, дојде време да не можеме ни прописно да се искараме во меана, ниту да се истепаме ако треба, ниту пцост в лице, зашто, нели, заразни сме сите.


Да, заразен ни е умот со една огромна неслобода. Денес, да се зборува за оваа апстрактна именка е поапстрактно дури и од времето на робовладетелското општество. Да, да, смејте се сега, смејте се, ама дај боже да сте вие во право, а не јас и таквите скептици како мене. Ама поголем парадокс и поголема контрадикција од тоа дека во најсовременото од сите времиња досега ние живееме во атавистички и архаичен страв за сопственото здравје и живот не постои, ниту ќе постоел.

Во време со најмногу информации ние најмалку знаеме! Да, за жал, во право сум. Зошто?! Затоа што никој не ја знае вистинската вистина оти ги има дузина. Оти никој не ја знае коренитата вредност зашто квазивредностите нѐ заплиснаа од сите страни до тоа дереџе да не се знае кој пие, а кој плаќа. Оти, што повеќе гледаме, помалку видуваме, а што повеќе слушаме (вести), помалку се заушуваме. Оти од толку многу луѓе на планетава, ете, отворете прозорец, жив човек надвор не остана! Оти, слободата е прашање на умот, а умот денес однадвор ни го држат затворен баш тогаш кога нè убедуваат дека сме слободни и живееме во демократија.

Ма дај, да не претеруваме, што повеќе демократија, тоа повеќе апс на умот и самозатвор од најопасен вид. Не треба, не мора, никој да дојде и лисици да ни стави на рацете. Одамна, полека, студиозно, структурирано и системски, нашите сопствени ќелии ни се менувани за некои унфицирани модели на размислување после кои да се зборува за слобода е рамно на трагикомедија и фијаско. Додека се бориме со стравот, тоа е добро, ама кога ќе се впие во нас, кога ќе го проголтаме како единствена вистина (којзнае зошто?!), тогаш ништо на овој свет не може да го избрка.

Психотераписки речено, тој се интројектира и станува дел од нас. Пројде времето кога првата општествена јатка, семејството, беше единствениот извор на вредности. Ех, камо да беше така, нели?! Уште сега ви е симпатично и бенигно секое викање на родителите и зборување како е лошо да се дрогираме, да пиеме и да се тепаме. Романтичарски изгледаат сега старите гревови љубовни за кои сфаќаме дека биле љубов, среќа и убавина. Дури и неверството сега би го простиле, нели, само да се избавиме од ова самоуништувачко имплозивно лудило во самите нас. И, после сѐ, има ли место да зборуваме за слобода?! Никогаш досега немам видено толку многу микрокосмоси со сѐ во нив, а толку безнадежно исплашени да живеат! Никогаш досега не сум видел толку многу осамени истории кои живеат едни крај други и се гледаат низ невидливите граници на здивот кои ќе постојат уште долго по маските и хируршките ракавици.

Џабе ни е сета светска интелигенција и генијалните идеи на големите умови, кои живееја нели, во „подивјачко“ време од ова нашево, сега „цивилизирано“. Џабе ни се сите апарати и безжични уреди, кога удрени во здравјето, најбезобразно, најдрско, сме исправени пред непоправлива одлука – или борба за нова слобода, или тешка, долга ама сигурна духовна смрт!

п.с. Не, не сум јас песимист. Само сакам следниот пат да видам дека сега не бев во право! Чувајте се и не заборавајте дека, ако ништо друго, перцепцијата на светот никој не може да ни ја одземе!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот