X
 03.06.2019 Култура

Пауло Коелјо сака да им ги подари своите книги на училиштата и библиотеките во Африка

Успехот на бразилскиот писател Пауло Коелјо почнал во Африка со преводот на неговиот бестселер „Алхемичарот“ од 1988 година, алегоричен роман за момче кое патува до пирамидите во Египет во потрага по богатство. Кога книгата била преведена на англиски јазик во 1993 година, се продала во десетици милиони примероци, со што почнала меѓународната кариера на Коелјо.

Романот, кој Коелјо го напишал за само две недели, станал глобален феномен чии фанови станаа и младите и познатите личности, но и лидерите како Бил Клинтон и Борис Елцин.

Сега Коелјо сака да сподели дел од тој триумф со африканските читатели. Во неодамнешен твит на неговиот профил Коелјо објави дека сака да ги подари своите книги во африканските градови и рурални средини.

- Ќе ги купам насловите од моите издавачи и бесплатно ќе им ги дадам на училиштата и на библиотеките - рече тој, барајќи од неговите следбеници да ги испратат своите барања на неговата е-адреса.

Врз основа на твитер-одговорите, повикот за апликации привлече поединци и организации од земјите како Џибути, Мадагаскар, Кенија и Танзанија. Доколку бидат доставени, читателите би можеле да добијат пристап до триесетина книги вклучувајќи мемоари, собрани дела, цитати и најпродаваните романи на Коелјо.

Ова не е првпат 71-годишниот автор да ги направи своите дела достапни. Во минатото тој инсистираше на тоа неговите книги да бидат со пристапна цена, а преводите да бидат обработени од локални издавачи. Исто така, во 2014 година тој ги објави своите дела онлајн за да ја создаде виртуелната фондација „Пауло Коелјо“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура