X
 03.06.2021 Наша тема

Образование: Реформи, политика или терање инает

Дали силните реакции што ги има по секоја спомената реформа во образованието се случуваат поради судир на идеолошки концепти, политика, незнаење или нешто сосема друго? На почетокот од сè има еден заеднички именител, а тоа е дека сите се согласни дека на македонскиот образовен систем му се потребни итни реформи


Сериозен пристап, целосна анализа на состојбата и професионална перцепција што треба да се постигне како крајна цел е единствениот исправен пат до суштинските реформи во образованието. Искуството досега покажа дека парцијалните пристапи, без издржани анализи, придонесоа само за уназадување на образовниот процес.
Според Министерството за образование и наука, клучните сегменти на промените од есен ќе стартуваат во прво и во четврто одделение.
Дали силните реакции што ги има по секоја спомената реформа во образованието се случуваат поради судир на идеолошки концепти, политика, незнаење или нешто сосема друго?
На почетокот од сè има еден заеднички именител, а тоа е дека сите се согласни дека на македонскиот образовен систем му се потребни итни реформи.

Политиката со години го креирала образовниот процес

Професорот Кирил Барбареев од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, воедно и член на работната група што работи на Нацрт-концепцијата за основно образование, вели дека реформите во образованието секогаш и секаде се придружени со жестоки јавни контроверзии, големо медиумско внимание и многу коментари кон идеите за тоа што и како да се реформира. И кај нас во оваа ситуација има од сè по нешто.
Сепак, посочува и одговори зошто е тоа така.
- Дури и во земји како САД и Англија, кога имале анализи втемелени на системско истражување и докази за учењето, одеднаш педагогијата се наоѓа во средиштето на политичката и идеолошката бура - посочува тој.


Проф. Кирил Барбареев

Професорот Барбареев смета дека во нашиот контекст политиката е исклучително влијателна и присутна во образованието бидејќи долги години најмногу интересите и мотивите на политиката го креирале нивото на целиот воспитно-образовен систем.
- И сега самата политика гледа што креирала. Без разлика во кое време и во кој период. Последиците се исти - додава професорот.

Во фокусот треба да се учениците

Покрај тоа, според Барбареев, причината поради која е толку тешко да почнат суштинските реформи во образовниот систем е во тоа што има еден голем невидлив дел под површината.
- Овој невидлив дел се интересите, верувањата, мотивите, предрасудите, стереотипите, стравовите на луѓето кои се вклучени во образованието директно и/или индиректно, вклучувајќи ги и родителите, медиумите и други фактори. Тука се случуваат неочекувани судири - вели професорот.
Затоа, според него, ниту една реформа во основното образование не треба да се води од потребите, мотивите и интересите на никого.
- Во фокусот на секоја реформа мора да бидат интересите и потребите на учениците. Наставниците, училиштата, родителите, локалната самоуправа и сите други образовни институции треба да бидат во функција на промовирање и заштита на најдобриот интерес на детето и остварување на правото за квалитетно образование во согласност со Конвенцијата за правата на детето. Поаѓајќи од тоа, Концепцијата повикува на реформа која е ориентирана кон учениците и бара образованиот процес да се организира така што ќе им ја демонстрира на учениците корисноста и релевантноста од учењето, ќе ги испочитува нивните потреби и интереси и ќе овозможи развој на потенцијалите на секој ученик - вели проф. Барбареев.

Оттука, како што посочува професорот, нам ни е потребно заедничко разбирање и колективна свест за промени за да се изгради капацитет и да се создаде вистинска општествена клима.

Креаторите на образованието 20 години почнуваат од почеток

Професорот Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и поранешен заменик-министер за образование смета дека до денес, сите креатори на таканаречените реформи ни нудат „големи“ концепти, но без никаква општествена заснованост или вредности.


Проф. Петар Атанасов

- Како да се нудат мали светулки во еден огромен темен простор. За да понудите некоја голема промена, потребно ви е познавање и на образованието, и на педагогијата, и на општеството, и на филозофијата, како и на сето тоа во контекст на современата техника и технологија. Значи, не може млади министри со вечерна партиска обука да бидат „големи“ реформатори. Премиерите на двете „големи“ партии истрошија над 20 министри за образование без големи промени на подобро, бидејќи секој почнуваше од почеток - вели проф. Атанасов.

„Големите“ реформи брзо губат здив

Вториот проблем, како и во сè друго, според него, се партизацијата и политизацијата.

- Тука мислам на моќта на политичките партии да одлучуваат и за финансии, и за кадровска политика, како и за сè друго во општеството, без никаква идеологија. Нивните полуписмени апаратчици денес владеат со нас, а да не беше партијата, немаше да можат да најдат ниту пристојно вработување. Образованието е паднато на најниски гранки. Затоа младите, добрите, амбициозните си заминуваат од ова мочуриште на неквалитет и непросперитет -заклучува професорот.

Поради сето ова, според Атанасов, како и поради целосно изгубената доверба од страна на јавноста кон институциите, пред сè, од страна на родителите, овие „големи“ реформи брзо губат здив, не издржуваат ни една недела и се менуваат како што растат критиките.

- Сè е форма, досега не сум видел идеја која ќе зборува за поинаква филозофија на образованието. Нашите деца и со книги и со таблети повторно ќе добиваат потпросечно, слабо и безидејно образование. Ние сме 20-30 години зад државите од регионот. Кога ќе почне некој да работи со луѓето, тогаш ќе почнат да се менуваат работите, а за тоа не ви се потребни „големи“ стратегии - вели проф. Атанасов.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема