X
 03.07.2019 Спорт

Која е тинејџерката што ја победи Венус Вилијамс?

Тинејџерската тенис-сензација Кори Гоф ја победи Венус Вилијамс на првиот ден од „Вимблдон“ 2019. Која е 15-годишната Гоф?

Гоф е најмладата тенисерка што се квалификувала за „Вимблдон“. Оваа 15-годишна Американка се соочи со една од нејзините хероини, Венус Вилијамс, на првиот ден од турнирот и победи. Пред натпреварот Кори изјави дека сестрите Вилијамс ѝ се идоли и дека Серена е причината поради која таа игра тенис. Кори го доби натпреварот против Венус со 6-4, 6-4.

Која е Кори Гоф?

Кори е американска тенисерка-јуниорка и чудо во спортот. Таа е најмладиот финалист во категоријата жени поединечно на Отвореното тениско првенство на САД (попознато како Ју-ес опен) и најмладиот играч на „Вимблдон“.

Со своите 39 години, Венус е најстарата тенисерка во категоријата жени поединечно и таа има пет титули од „Вимблдон“.

Гоф сè уште е средношколка и еден ден пред финалето од квалификацискиот турнир имала тест по наука. Таа е родена во Атланта, а пораснала во Флорида.

Пред натпреварот таа изјави дека нема што да загуби во натпреварот против една од најголемите тенисерки во историјата.

- Само сум почестена што го делам теренот со неа. Не многу луѓе играат на „Вимблдон“ на 15 години и среќна сум што сум една од нив - рече Кори.

По победата младата тенисерка изјави дека не знае како се чувствува.

- Ова е првпат да плачам по победа на натпревар. Не знам ни да објаснам како се чувствувам. Морав да си велам сама на себе да останам мирна, никогаш не сум играла на толку голем терен. Морав да се потсетувам на линиите на теренот. Сè наоколу може да е поголемо, но линиите се исти - изјави Кори.

Таа изјави и дека Венус ѝ честитала и ѝ посакала среќа.

- Ѝ се заблагодарив за сè. Јас не ќе бев тука да не беше таа, таа е толку инспиративна и отсекогаш сакав да ѝ го кажам тоа. Иако ја сретнав претходно, немав храброст да ѝ кажам. Знам дека моите родители се супер среќни, мојот татко скокаше секојпат кога ќе освоев поен. Буквално го живеам мојот сон сега и не многу луѓе можат да го кажат тоа - изјави Кори.

Кори минатата година, на само 14-годишна возраст, ја освои титулата на јуниорскиот „Френч опен“, а нејзиниот агент е дел од менаџерската група на Роџер Федерер.

Според „Форбс“, се предвидува дека оваа тинејџерска ѕвезда годинава ќе заработи повеќе од еден милион долари надвор од теренот благодарение на спонзори.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт