X
 03.07.2021 Наша тема

Семејството Кленови пред 9 години од Русија се пресели во Македонија: „Ја избравме Демир Капија за да бидеме поблиску до природата“

Мојот сопруг навистина сакаше нашиот син да не расте во град, туку поблиску до природата. Донесовме одлука прилично брзо и си заминавме од Русија. Нема да лажам: не ми се допаѓаше тука кога пристигнав, но ѝ дадов шанса на Македонија и време себеси да пробаме заеднички да изградиме нешто ново. И еве нè, останавме тука, раскажува Валерија Кленова, која веќе девет години од Русија е преселена во Демир Капија

Валерија и Александар Кленови од Русија пред девет години се преселија во Македонија, во Демир Капија. И токму тука решија да создадат дом и семејство. Лев, кој има 9 години, имал нецела година кога се преселиле, а Амалиjа е родена во Македонија.

- Сончева, тивка, пријателска земја дополнета со изразот „има време за сè“, коj дава прецизна карактеристика на луѓето и нивното темпо на живот. Луѓето тука знаат да уживаат во секоj момент, не брзаат никаде. Можеби човечката топлина и отвореност на жителите на Македониjа имаат важна улога во одлуката да останеме и да живееме токму тука. Самите Македонци не се свесни за нивните предности и бенефиции во споредба со другите земји. Тука навистина се живее удобен и лесен живот - споделува Валерија.



Наместо Тајланд, ја избрале Македонија

Тие живеат во Демир Капија, која ја опишуваат како мало место, мирно и безбедно, со прекрасна природа и чиста животна средина.
- Изборот падна на ова место, пред сè, поради работата. Тука изградивме кампинг и решивме да ја развиваме Демир Капија како место за спортско качување и алпинистички локалитет, како и други активности. Се разбира дека има некои недостатоци, но генерално децата растат здрави и слободни. И ние имаме можност да им посветиме доволно време. Забележувам колку децата се подобро развиени и поздрави од нивните врсници од градот. Од друга страна, сфаќам дека од одредена возраст ќе им треба цивилизација и друго ниво на образование - истакнуваа Валерија.

Одлуката да се преселат ја донеле кога се родил Лев.

- Пред 9 години, кога се роди првото дете, ние двајца навистина сакавме да ја напуштиме Русија за да живееме во друга земја. Изборот беше помеѓу Тајланд и Македонија. И тука и таму Александар имаше партнери и предлози за соработка. Јас ја избрав Македонија: одлуката најмногу беше поради локацијата, близината со европските земји, а исто така претпоставував дека менталитетот тука е поблизок до нашиот. Сопругот навистина сакаше неговиот син да не расте во град, туку поблиску до природата. Донесовме одлука прилично брзо и си заминавме од Русија. Нема да лажам: не ми се допаѓаше тука кога пристигнав, но ѝ дадов шанса на Македонија и време себеси да пробаме заедно да изградиме нешто ново. И еве нè, останавме тука - вели таа.



Нарачуваме книги од Русија

Нивните деца се со различни карактери, но го имаат менталитетот на родителите.

- Ги воспитувавме на наш начин, мислам малку посериозно и построго ако споредуваме со околината. Имаат и другари и пријатели, но најблиски другари сме им ние и нашата фамилија, коjа живее во Русиjа. Гледам на своjот живот и на животот на децата многу интернационално: пошироко да го запознаат светот и да ги научат најдобрите и најбитните карактеристики што може да ги носи секоj човек, без разлика дали е Македонец или Русин или граѓанин на која било држава. Генерално на децата тука им е прекрасно - додава Валерија.
Кога станува збор за образованието, вели дека може и подобро.



- Образованието тука е спорно, но сепак ќе кажам дека сум задоволна од тоа како се однесуваат луѓето кон децата – со многу љубов и топлина, и тоа, според мене, е многу битно. Синот сега завршува 4. одделение и гледам дека школската програма е многу лесна. Пред две години многу учевме дополнително дома, но сега тоj порасна и не сака да му помага. Сам одбира што сака да изучува: од животни до космосот, од инсекти до автомобили. Сега многу сака компјутери и програмирање. Лев свири на виолина. И има талент кон музиката. Додека ќеркичка е уште малечка, оди во градинка, има пријатели, се дружи и е многу позитивна! Сака да чита книги со нас, многу црта и бои. И многу книги нарачуваме од Русиjа - споделува Кленова.

Примерот на родителите е побитен од местото и образованието

Во однос на паралелата какво е образованието во Русија, а какво во Македонија, вели дека ѝ е тешко да спореди затоа што не знае каква е сега состојбата во Русија.

- Образованието во Русија претходно се сметаше за едно од најсилните. И мислам дека нема смисла да се споредуваат Русија и Македонија. Се разбира, образованието во Русија ќе биде посилно. Но, силното образование не значи посреќен живот. Со сигурност можам да кажам: каде и да расте детето, неговите родители играат најважна улога. Само со наш (родителски) пример и начин на живот ги учиме децата. Затоа, ако родителот е свесен, постојано се развива, води здрав живот, се грижи за просторот околу него, за околината - децата ќе растат по тој пример. Соодветно на тоа, и обратно. Можеби токму овој аспект малку ме вознемирува овде: повеќето родители не им покажуваат вредни вештини на децата, и тие не ги познаваат вистинските вредности и особини - истакнува Валерија.



Како недостаток во образованието овде таа го забележува недостигот на дисциплина и преголемата слобода на децата.

-Самите наставници веќе не се задоволни од ова, но новите правила ги менуваат темелите. Што се однесува до мене, недостига елементарна почит кон постарите, кон родителите и кон семејството. Општо, системот на управување и на државата и на образованието е прилично хаотичен, и луѓето ги губат вредностите. Можеби поради тоа што не ја чувствуваат својата безбедност и стабилност. Но, ние секогаш мора да веруваме во светла иднина и во позитивни промени, притоа не заборавајќи сами да работиме на нив - категорична е Валерија.



Немаме телевизор дома, не гледаме серии

Како позитивни страни на Демир Капиjа ги истакнува безбедноста и чистата животна средина.

- Исто така, училиштето и градинката ни се блиску до дома, така што ниту ние ниту децата не трошиме време за патување, што е битно! Ние живееме во режим: рано легнуваме, рано стануваме, поминуваме многу време во природа – за тоа и сме тука. Се трудиме да се храниме здраво. Децата сакаат овошје, супи, каши, зеленчуци, но понекогаш и благо и пица, се разбира. Пандемијата малку ни го смени режимот: Лев повеќе од една година учи од дома, што не е добро ниту за него ниту за нас. Но никоj нема избор во оваа ситуација. Добро што работат градинките. Обично наутро jас и Алекс стануваме рано, околу 5-6, во 7 стануваат децата. Поjадуваме и Алекс ја носи Амалиjа во градинка, а jас и син ми почнуваме со обврските. Тоj училиште и домашни, а jас работам на компјутер. По 14 часот ја земаме Амалиjа и ако времето е добро – шетаме надвор или во парк или на лулашки. Дома често играме нешто заедно, а пред спиење гледаме научна програма. Немаме телевизор дома, не гледаме серии - споделува Валерија.



Според импресиите на децата, таа вели дека им се допаѓа што живеат во Македонија.

- Животот тука им се допаѓа на децата. Но тие не можат да споредат затоа што цело време живеат овде. Сега Лев почна да покажува интерес за нешто повеќе од природата, понекогаш им фали и град. Што е сосема во ред – сите сакаме некои промени. Кога бевме во Русиjа пред три години син ми прашуваше: „Мамо, а зошто ние не живееме тука?“ Но туризам и миграција се сосем различни работи, jас се потрудив да му објаснам. Не знам колку успеав. Најмногу ми се допаѓа овде што ние двајцата како родители сме цело време тука за нив. Немаме ни баби ни дедовци, никоj, и секаде одиме заедно. Сè правиме заедно, а тоа е битно за секое дете - потенцира Кленова.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема