X
 03.08.2018 Технологија

„Вацап“ почнува да наплаќа

Апликацијата „Вацап“ ќе почне да им го наплаќа на компаниите праќањето на маркетиншки и кориснички пораки. Потегот следува откако социјалната мрежа се соочи со забавување на растот на приходите.

Потегот ќе му овозможи на „Фејсбук“, сопственикот на „Вацап“, да заработи од оваа социјална мрежа. Компаниите преку платформата ќе можат да даваат информации и услуги, како што се датуми за испорака или разни пропусници. За возврат, компаниите ќе мораат да платат надомест за потврдената испорака.

Пораките ќе чинат меѓу 0,5 и 9 центи, зависно од тоа во која земја се наоѓа корисникот. Тие може да бидат автоматизирани или испратени од страна на корисничка служба. Наведената цена покажува дека употребата на тие можности во некои случаи ќе биде поскапа од испраќање на СМС порака.

Како и другите пораки испратени преку таа апликација, така и овие ќе бидат шифрирани, што значи дека „Вацап“ нема да може да ги чита. Вкупно три милиони компании активно го користат „Вацап“, а неколку гиганти, како туристичкиот сервис „Букинг“, веќе ги прифатија новите услови.

Фото: Pixabay

„Фејсбук“ плати 19 милијарди долари за да ја купи „Вацап“ во 2014 година, а веќе подолго време бара начин како да заработи од таа апликација во време кога му се зголемуваат трошоците поради подобрувањето на приватноста и решавањето на проблемите со зависноста на корисниците од социјални мрежи.

Имено, „Фејсбук“ најави дека на корисниците ќе им понуди алатка со која ќе можат да организираат колку време во денот ќе минат користејќи ја апликацијата и прегледувајќи фотографии на „Инстаграм“ и дека ќе добиваат известување кога ќе ја надминат временската граница на користење која сами ќе ја дефинираат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија