X
 03.09.2018 Култура

„Кралската болест“ на последното руско царче Алексеј

Кога Александра Фјородовна, жената на Николај II и руска кралица, родила син на 30 јули 1904 година, тој настан бил свечено прославен и пречекан со голема радост. Конечно, по раѓањето четири ќерки во периодот од 1895 до 1901 година, Николај и Александра го добиле синот Алексеј, кој станал наследник на престолот.

- Не постојат зборови што би можеле да искажат благодарност до Бога за ова олеснување што ни го испрати во овие тешки времиња - напишал Николај II во својот дневник. Тој не можел ни да претпостави колку тешка и трагична судбина го чекала момчето.

- Беше прерано за радост и благодарност кон Бога. Докторите набрзо откриле дека детето пати од страшна болест што ја наследил - хемофилија - пишува историчарот и доктор Борис Нахапетов во книгата „Лекарски тајни на семејството Романови“.

Симптомите на Алексеј првпат се појавиле кога имал само седум месеци и го следеле цел живот.

- Беше бесконечно мачење за момчето и за сите нас... цело време врескаше од болка и ние моравме да ги покриваме ушите кога го негувавме - изјавила Ана Вирубова, дворска слугинка и пријателка на царицата.

Најмачните моменти за момчето биле кога крвта течела од неговите зглобови.

- Крвта му ги уништува коските и тетивите. Не можел да ги витка рацете и нозете - напишал Напахетов.

Единствено олеснување можело да се постигне со масажа и вежби, но тоа носело ризик од понатамошни повреди и дополнително крвавење. Така, Алексеј одвреме-навреме не можел воопшто да оди, па послугата го носела на официјалните настани. Еден од ретките луѓе во царството што можел да ги ублажи страдањата на Алексеј бил Григориј Распутин. Познат лекар? Не, сибирски мистик и самопрогласен светец кој успеал да стигне до царството. Кога во 1905 година Распутин ги запознал Николај и Александра, ги убедил дека може да им помогне. И така било.

- Многу луѓе сведочеле дека Распутин повеќе пати му помогнал на Алексеј да се чувствува подобро. Но, не постојат цврсти, документирани податоци за тоа - пишува Напахетов. Тој претпоставува дека Распутин користел хипноза за да го смири Алексеј, што доведувало до подобрување на неговата состојба. Едно е сигурно: Александра и Николај му верувале на Распутин, така што тој стекнал неверојатно политичко влијание.

- Царчето е живо додека јас сум жив - се фалел Распутин. И не згрешил: На 30 декември 1916 година Распутин бил убиен од група аристократи кои биле загрижени поради неговото огромно влијание во царскиот дворец. Потоа, по 18 месеци, во јули 1918 година, биле убиени Алексеј и неговото семејство.

Кога Алексеј не бил болен, тој водел обичен живот на престолонаследник: учел, учествувал на официјални настани и играл. А момчето било и доста непослушно. Георгиј Шављески, свештеник близок на царството, раскажувал како момчето често правело проблеми.

- За време на вечерата момчето ги маваше генералите со топки леб... само остриот поглед на царот можеше да го смири.

- Брзо умееше да воспостави врска со луѓето, ги сакаше и се обидуваше од нив да научи сѐ што може - напишал Анатолиј Мордвинов, асистент на Николај II.

Од друга страна, тој напишал дека Алексеј умеел да биде доста тврдоглав. Николај II често гордо им велел на слугите и советниците: - Ќе ви прави многу повеќе проблеми отколку јас.

Алексеј имал одличен однос со двајцата родители и со четирите сестри, а меѓу најблиските пријатели му бил Андреј Деревенко, неговиот личен слуга и поранешен морнар. Деревенко бил тој што го носел Алексеј кога состојбата ќе му се влошела. Освен тоа, момчето сакало животни. Својата мачка Котика и кучето Џој ги носело со себе и на часовите.

Алексеј имал 13 години кога му се променил животот. Во 1917 година востанието ја уништило руската монархија. Неговиот татко абдицирал, не само во свое име, туку и во името на неговиот син. Заедно со другите членови од семејството, Алексеј заминал во Урал, каде што бил во куќен притвор. Тука неговата болест се влошила и починал.

- Одеднаш, Алексеј повеќе не можеше да оди - напишала во своите мемоари Татјана Боткина, медицинска сестра која им помагала на Романови во Тоболск. - Многу патеше од внатрешни крвавења. Откако повторно се здобил со модрици, Алексеј се борел со својата болест и повеќе немал време да закрепне. Ноќта на 17 јули, кога болшевиците им наредиле на Романови да слезат во подрумот, Николај го носел својот син. Како што знаете, никогаш повеќе не ја видел светлината на денот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура