X
 03.09.2021 Образование

„Оксфорд“ повторно прогласен за најдобар универзитет во светот

Универзитетот „Оксфорд“ е прогласен за најдобар универзитет во светот шеста година по ред според рангирањето „Тајмс хајр еџукејшн“. „Оксфорд“ се наоѓа на врвот на рекордни 1.662 универзитети од 99 држави и региони.

Листата се составува врз основа на 13 индикатори и вклучува анализа на 108 милиони референци од 14,4 милиони истражувачки трудови, како и анкета на 22.000 академци од целиот свет.


Фото: Колеџ „Балиол“ при „Оксфорд“, Питер Триминг/Geograph

Меѓу најдобрите 10 универзитети на листата има два од Обединетото Кралство и дури осум од САД.

Најдобри 10 универзитети во светот

1. „Оксфорд“, Обединето Кралство
=2. Технолошки институт во Калифорнија, САД
=2. „Харвард“, САД
4. „Стенфорд“, САД
=5 Универзитет во Кембриџ, Обединето Кралство
=5 Технолошки институт во Масачусетс, САД
7. „Принстон“, САД
8. Универзитет во Калифорнија, Беркли, САД
9. „Јејл“, САД
10. Универзитет во Чикаго, САД

Најмногу универзитети помеѓу првите 200 на листата имаат САД (57), Обединетото Кралство (28), Германија (22), Австралија (12), Кина (10) и Холандија (10).

Највисоко рангирани универзитети од Кина се универзитетите „Цинхуа“ и „Пекинг“, кои го делат 16. место. Повеќе универзитети од Кина се искачиле на листата оваа година, пишува Светскиот економски форум.

Истовремено, подобрувања се забележуваат и кај универзитетите на Блискиот Исток и во Северна Африка. Саудиска Арабија првпат има универзитет во најдобрите 200, а заедно со Египет и Малезија, нејзините универзитети најбрзо се искачиле на листата.

Извор: World Economic Forum
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование