X
 03.10.2019 Живот

На брегот на Нил пронајден храм на Птолемаидите од пред 2.200 години

Во египетскиот град Тама, на западниот брег на Нил, бил откриен храм стар 2.200 години, од времето на кралот Птоломеј Четврти. Древната градба е украсена со живописни релјефи.

Храмот го откриле работници што работеле на канализација, а министерството за антиквитети соопшти дека потфатот е веднаш запрен и на локацијата се повикани археолози. Досега е откопан ѕид украсен со релјефи на Хапи – древноегипетски бог на годишното излевање на реката Нил и на плодноста на почвата. Релјефите го прикажуваат Хапи како носи дарови, опкружен со птици и други животни.

Во натписите се споменува и Птоломеј Четврти (Птолемај), владетел од Птолемаидите – древномакедонска династија која владеела со Египет од 305 до 30 година пред нашата ера. Овие владетели честопати ги преземале кралските и религиозни обележја од претходните, домородни египетски владетели.

Последна владетелка од династијата е познатата Клеопатра Седма, која владеела од 51 до 30 година пр.н.е., кога Египет бил освоен од Римјаните.

Птоломеј Четврти владеел со Египет од 221 до 204 година пред нашата ера. Бил син на Птоломеј Трети и Береника Втора, која кусо по смртта на сопругот била отруена по наредба на синот, кој, пак, потоа ја презел целата власт.

Владеењето на Птоломеј Четврти некои историчари го оценуваат како неуспешно. Се наведува дека тој повеќе бил посветен на забавата и личните задоволства отколку на земјата со која владеел и оти себеси се сметал за поет.

Наводно, тој му пренел многу од своите кралски должности на амбициозниот свештеник Сосибус. При неговото владеење почнува постепеното слабеење на Птолемајски Египет, па тоа предизвикало незадоволство и буни кај египетскиот народ. Тоа довело до нестабилност и смртоносни борби за престолот кои ги обележале последните пет години од неговата ера.

Неговиот син Птолемај Петти е автор на натписот познат како „Каменот од Розета“, кој овозможи научно дешифрирање на египетските хиероглифи.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот