X
 03.10.2019 Наука

Студентите што спијат помалку од 7 часа навечер добиваат пониски оценки

Студентите што навечер спијат најмалку седум часа имаат подобри оценки, открива ново истражување.

Истражувачите откриле дека спиењето шест и пол часа навечер резултирало со оценки што биле за 50 отсто пониски од оценките на студентите кои спиеле еден час повеќе. Но, истражувачите откриле и дека студентите што си легнувале по два часот наутро имале полоши оценки на тестовите, дури и ако спиеле седум часа.

Истражувачи од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) велат дека наодите додаваат дополнителни докази зошто недостигот на сонот е штетен и колку е важно да се нагласи значењето на сонот за успехот на студентите. Истражувањето прво било насочено да открие дали постои корелација помеѓу физичката вежба и академските перформанси.

Сите ученици на час по хемија на МИТ носеле уреди за следење „фитбитс“ и една четвртина од нив се запишале на интензивен фитнес. Сепак, немало разлика во тестовите помеѓу групата што била запишана на фитнес и групата што не била.

spienje
Фото: Shutterstock


- Она што го откривме на крајот беше нула поврзаност со фитнесот, што можам да кажам дека беше разочарувачко бидејќи верував и сè уште верувам дека вежбањето има позитивно влијание врз когнитивните перформанси - изјави коавторот д-р Џефри Гросман, професор по наука и инженерство на МИТ.

Но, уредите „фитбитс“ го следеле спиењето. Така, поврзаноста помеѓу спиењето и академскиот перформанс била јасна.

Истражувачите откриле дека студентите што имале најмалку седум часа сон ги добиле најдобрите оценки на 11 квиза, три колоквиуми и завршен испит. Студентите што просечно спиеле шест и пол часа имале 50 отсто пониски оценки од учениците што спиеле еден час плус.

Д-р Гросман рече дека поврзаноста помеѓу спиењето и оценките не е изненадувачка, но обемот бил. Додека тој вели дека постојат и други фактори што влијаат врз оценките, наодите покажуваат дека спиењето е навистина важно.

Но, истражувањето открило дека ако студентите легнале во 2 часот наутро и сепак спиеле 7 часа, тоа не прави разлика во оценките.

- Ако си легнете во 10 часот, 12 или 1, перформансите се исти. Но, ако си легнете по 2 часот, вашите перформанси почнуваат да се намалуваат дури и ако отспиете 7 часа. Така што, количината не е сè - вели д-р Гросман.

Дополнително, студентите што отспале седум часа еден ден пред тестот немале подобри резултати од оние што не спиеле.

- Сите сме ја слушнале фразата: „Легнете си и наспијте се, имате голем ден утре“. Но, се чини дека ова не е поврзано со перформансите на тестот. Наместо тоа, сонот што го добивате во текот на учењето е најважен - вели д-р Гросман.

Истражувањето исто така даде објаснување зошто студентките постојано добиваат подобри оценки од студентите: подобри навики во спиењето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука