X
 03.11.2022 Наша тема

„Сакаме да има натпревари по роботика и на државно ниво“, вели Алма Кецап, менторка на средношколците што освоија бронза на светски натпревар по роботика

Пет средношколци од Македонија освоија бронзен медал на Светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“, кој се одржа во Женева од 13 до 16 октомври. Тимот кој ја претставуваше Македонија на овој натпревар беше составен од 7 члена: Горијан Стаматовски од гимназијата „Никола Карев“, Горјан Анѓушев, Виктор Ванчов, Горазд Петковски и Јаков Спиров од гимназијата „Георги Димтров“ и двајцата ментори - Алма Кецап (официјален претставник на FIRST Global Challenge во Македонија) и Ален Куљеван.

- Улогата на менторите беше да го насочат тимот кон тематиката на самиот натпревар, а на децата да го направат роботот со кој ќе ја претставуваат нашата земја на Олимпијадата по роботика. На настанов годинава учествуваа 163 држави, а Македонија го освои третото место со алијанси - изјави менторката Алма Кецап.


Алма Кецап

Поентата на натпреварот е тој да им даде можност на младите луѓе од целиот свет да ја искористат моќта на технологијата, да го искористат своето знаење и способностите и да соработуваат за колективно справување на најитните предизвици на планетата. Предводничката на македонскиот тим по роботика накратко ни ја објасни суштината на натпреварот.



- Настанот е кулминација на едногодишни активности фокусирани на студентските тимови кои користат стандарден комплет делови за дизајнирање и составување робот за да ги заврши задачите во тематска игра. Во текот на натпреварот тимовите ќе ги здружат силите со роботите на другите тимови, односно ќе бидат во коалиција со тимови од други репрезентации. Оваа година настанот се одржа во Женева и ја одбележа шестата година за FIRST Global и првиот настан одржан во Европа. Претходните FIRST Global Challenges се одржаа во Вашингтон, Мексико Сити и Дубаи. Со мисија да инспирира лидерство и иновации меѓу речиси 2 милијарди млади во светот преку спортот на роботиката, FIRST Global верува дека токму преку науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM) следната генерација може да работи заедно за да создаде подобар свет за сите нас – вели Кецап.



Сите тимови на земјите-претставнички добиваат ист роботски кит и за 7 дена треба да го состават својот робот.

- Како екипа, добивме комплет делови од кои требаше да го склопиме роботот, кој со одредени сетирања и програмирање од наша страна е способен да изврши серија задачи во игра тематизирана околу прашање од глобално значење. Оваа година акцентот беше ставен на зголеменото ниво на јаглеродниот диоксид во воздухот. Голем проблем ни беше да се организираме со време и простор за правење на роботот, па тука сакам да изразам голема благодарност до Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, а особено до продеканката Билјана Анѓушева. Имавме различни идеи за изгледот и функционалноста на нашите роботи.



Нашиот робот имаше повеќе измени, но на крај се одлучивме за верзијата на собирање на јаглеродниот диоксид и складирање во посебен контејнер. На крајот од играта нашиот робот имаше и дополнителен систем за прикачување односно паркирање - раскажува менторката.

Натпреварот е и од големо значење за учесниците во поглед на искуството на полето на роботиката, односно преку STEM да се прикажат идеите за светот.

- Иако нашите ученици првпат учествуваа и дојдоа без конкретни предзнаења потребни за техничките предизвици, во нив се побуди интерес и исплива на површина креативноста што ја носеа во себе и успеаја да решат релативно комплексни инженерски предизвици. Настанот им ги прошири нивните видици и им ја отвори вратата кон иднината, стекнаа вештини и знаења, но најважни се тимската игра и разменувањето идеи со цел решавање глобални проблеми – вели Кецап.



Идејата на македонскиот тим по роботика е да вклучат што повеќе млади лица во светот на технологијата и да организираат настани од овој тип на државно ниво, додава менторката на нашиот тим.
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема