X
 03.12.2018 Наука

Научниците ги поврзале мозоците на тројца луѓе овозможувајќи им да споделуваат мисли

Невронаучниците успешно поврзале мозоци на тројца луѓе, со што тие можеле да ги споделат нивните мисли - и во овој случај, да играат игра во стилот на „Тетрис“. Тимот мисли дека овој луд експеримент би можел да се подобри така што би се поврзале цели мрежи на луѓе.

Експериментот работи со помош на комбинација на електроенцефалограми, за снимање на електрични импулси што ја укажуваат активноста на мозокот и транскранијална магнетна стимулација, каде што невроните се стимулираат со помош на магнетни полиња.

Истражувачите го нарекоа новиот систем „Брејн нет“ и велат дека би можел да се користи за поврзување различни умови заедно, дури и преку интернет, и би можел да нѐ научи како функционира човечкиот мозок на подлабоко ниво.

- Го претставивме „Брејн нет“ кој, според нашето знаење, е првиот неинвазивен директен мозок до мозок интерфејс за заедничко решавање на проблемите. Интерфејсот им овозможува на трите човечки субјекти да соработуваат и да решаваат задачи користејќи директна комуникација мозок до мозок - велат истражувачите.

наука
Фото: iStock


Во експериментот, двајца „испраќачи“ биле поврзани со ЕЕГ-електроди и од нив се барало да играат игра слична на „Тетрис“. Морале да одлучат дали секој блок треба да се ротира или не.

За да го направат ова, од нив се барало да гледаат во една од двете светлечки LED-диоди од едната страна на екранот - едната 15 Hz, а другата 17 Hz, кои произведувале различни сигнали во мозокот што ЕЕГ би можел да ги препознае.

Овие избори подоцна биле пренесени до еден „примач“ преку TMS капа што можела да генерира фантомски блесоци на светлина во умот на примачот, познати како фосфени. Примачот не можел да ја види целата област на играта, но морал да ги ротира блоковите што паѓаат ако видел дека е испратен сигнал на светлина.

Во пет различни групи од по три лица истражувачите постигнале просечно ниво на точност од 81,25 отсто, што е пристојно за прв обид.

Засега е бавно, не е целосно сигурно и допрва треба да биде рецензирано од невропсихолошката заедница, но е увид на некои фантастични начини преку кои би можеле да ги доближиме нашите мисли во иднина.

- Нашите резултати ја зголемуваат можноста за иднината на интерфејс на мозок до мозок, што овозможува заедничко решавање на проблемите од страна на луѓето користејќи социјална мрежа на поврзани мозоци - пишува тимот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука