X
 03.12.2019 Култура

Српски „Блиц“: „Светот на Биби“ е детски едукативен проект кој промовира вистински вредности

Нема сомнеж дека многу деца во Србија ќе го обожаваат „Светот на Биби“ и во него ќе ги најдат омилените цртани јунаци, пишува, меѓу другото, српскиот медиум

„Светот на Биби“, најпопуларниот цртан филм што ги освои најмладите во цела Македонија, конечно доаѓа и во Србија. Серијалот ќе се прикажува на јутјуб-каналот „Бибин свет“ и тоа секоја недела од 19 часот, каде што премиерно ќе биде емитувана нова епизода, вака српски „Блиц“ на публиката во нивната земја ѝ го доловува значењето на проектот „Светот на Биби“ и радоста што повеќе деца и во Србија ќе можат да растат со содржините од едукативниот проект.

Според овој медиум, „едукативниот концепт приспособен на детската возраст има цел да ги претстави вистинските вредности и да разбива стереотипи на тема живот, другарство, рамноправност на половите и сл.“.



- Забавно-образовните епизоди ги следат авантурите на главниот лик, девојчето Биби, и нејзиниот најдобар другар Боби. Тие двајцата, со уште неколку споредни ликови, на многу занимлив начин на децата им покажуваат како се постапува и се однесува во одредени ситуации. Биби е весело, прилично емотивно и мудро девојче, секогаш подготвено да им помогне на луѓето. Таа е добра во карате, пливање, танц и цртање, а освен тоа е и храбра, внимателна, има добри манири и една „супермоќ“, знае да ги скроти и да ги разбере животните. Боби, пак, е бестрашен, тврдоглав и често влегува во неволји. Сака да истражува и да експериментира, а најмногу сака од стари уреди да прави целосно нови - стои во статијата.

Проектот „Светот на Биби“ е претставен на многубројни саеми за филмски и стручњаци од анимираниот свет. На Саемот на цртани филмови во Тулуз, каде што се собираат илјада учесници, македонскиот бренд е оценет со највисоката можна оцена во секоја категорија во која има номинација. Избран е меѓу 20. најдобри европски анимирани проекти за претшколска возраст за 2019 година. Интерес за најпопуларниот цртан филм од регионот покажуваат и светски познати продуцентски куќи.

Дека „Светот на Биби“ е многу сериозен и успешен потфат докажува и податокот дека на позицијата на арт-директор во тимот експерти од Македонија, е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, познат и како илустратор на славната друштвена игра „Игра на троновите“.
Нема сомнеж дека многу деца во Србија ќе го обожаваат „Светот на Биби“ и во него ќе ги најдат омилените цртани јунаци, категорични се од „Блиц.рс“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура