X
 04.01.2023 Култура

Овие серии ќе ги гледаме во 2023 година

Крајот на годината е секогаш идеално време за анализа на резултатите, но и за ветувања, одлуки и поставување на нашите очекувања. Сите оние што значаен дел од годината поминуваат со квалитетна телевизија очекуваат стримингот да им го исполни слободното време на најдобар начин. Еве листа со наслови на серии што ќе ги гледаме оваа година.

„Последниот од нас“ (The Last of Us)



Екранизираната адаптација на една од најпознатите видеоигри доаѓа од креаторите на „Чернобил“, која ќе има премиера на платформата на Ејч-би-о наскоро, на 15 јануари. Секој тизер/трејлер генерално е дочекан со ентузијазам, а приказната ве води во апокалиптичен свет 20 години по уништувањето на модерната цивилизација. Главната ѕвезда на серијата е Педро Паскал, кој го игра Џоел, еден од преживеаните.

„Идолот“ (The Idol)




Креаторот на „Еуфорија“, Сем Левинсон, создаде уште една екстравагантна серија која е потенцијален ТВ-хит, трилер со Лили Роуз Деп (ќерката на Џони Деп) и големата музичка ѕвезда „Д викенд“.

Тие ги здружија силите во оваа серија на Ејч-би-о која следи поп-ѕвезда во подем и нејзината врска со сопственикот на таен клуб. Но, зад гламурот се крие темната страна на светот што ги произведува нашите идоли.

„Копенхашки каубој“ (Copenhagen Cowboy)



Гласот на Златко Буриќ, најдобриот европски актер за 2022 година според Европската филмска академија, е наратор на трејлерот за оваа данска серија. Станува збор за еден од најочекуваните проекти на „Нетфликс“ реализирани во Европа, чија премиера ќе биде на 5 јануари. Приказната ве води низ криминално подземје на Копенхаген, каде што ќе ја запознаете младата отпадничка Миу, која го бара својот непријател Ракел.

„Игра со лигни“, 2 сезона (Squid Game)



Најгледаната и најконтроверзна серија на „Нетфликс“, „Игра со лигни“, заврши така што ни остана должна да ни објасни што се случи откако главниот лик од бруталната детска игра влезе во авион и кој стои зад сето она што му донесе пари и му го претвори животот во пекол. „Нетфликс“ не го објави точниот датум на прикажување на втората сезона, но познато е дека нејзината премиера ќе се случи некаде наесен 2023 година.

„Смалување“ (Shrinking)



Најголемиот адут на стриминг-сервисот „Еплтв+“ е необичната серија „Смалување“, која се занимава со секогаш интересната тема на психоанализа. Комедијата има 10 епизоди, со Џејсон Сигел во главната улога, а големо изненадување ќе биде појавувањето на Харисон Форд во телевизиската продукција.

Станува збор за тажен терапевт кој почнува да им кажува на своите пациенти сè што навистина мисли. Игнорирајќи ја деловната етика, тој всушност открива дека предизвикува големи промени во животот на луѓето – вклучувајќи го и неговиот.

„Наследници“, 4 сезона (Successsion)



Приказната за непристојно богатото семејство на медиумскиот тајкун Логан Реј првпат се појави на малите екрани во 2019 година, а оттогаш двапати е наградувана со „Еми“ како најдобра драмска серија. Пред овогодишното доделување на „Еми“ серијата на Џеси Армстронг имаше 48 номинации и 10 престижни телевизиски награди, па логично е дека доаѓа 4. сезона.

Што ќе се случи со медиумската империја, ќе дознаеме напролет.

„Тајна инвазија“ (Secret Invasion)



Еден од најгласните наслови планирани за 2023 година е оној што го најави „Дизни+“, создаден како адаптација на стриповите „Марвел“. Серијата е предводена од Семјуел Л. Џексон, кој ќе ја повтори својата улога на Ник Фјури по дванаесетти пат бидејќи првпат го толкуваше ликот во филмот „Железниот човек“ од 2008 година.

Негови партнери се Емилија Кларк и австралискиот актер Бен Менделсон, со кого ја следи опасната инфилтрација на насилната фракција Скрул во земјата. Трејлерот ветува, а кога на актерската екипа ќе ја додадеме и наградуваната актерка Оливија Колман, тогаш дефинитивно треба да ја гледате.

„Ти“, 4. сезона (You)




Поради некоја причина, серијата „Ти“ на „Нетфликс“ го привлече вниманието на глобалната публика и никој не знае што е толку привлечно за продавачот на книги што ги демне жените и ја зема правдата во свои раце. Во последната сезона измислениот сериски убиец Џо Голдберг се преселил во навидум мирната населба Мадре Линда со неговата сопруга Лав и детето.

Во новата сезона актерот Пен Бедгли се враќа како Џо, а дејството се сели во Лондон, каде што сега го презема лажниот идентитет на професорот Џонатан Мур.

„Мандалоријан“, 3. сезона (Mandalorian)



Глобалната популарност на навлегувањето на „Дизни“ во „Војна на ѕвездите“ на Лукас продолжува и обожавателите со нетрпение ја очекуваат третата сезона од приказната, која се одвива пет години по настаните од класиката „Враќање на џедаите“ од 1983 година. Премиерата на 3. сезона е закажана за 1 март.

„И едноставно така...“, 2. сезона (And Just Like That)




По 6 сезони, околу 90 епизоди и 2 филма, еден од најпопуларните телевизиски проекти на сите времиња отвори ново поглавје во животот на три хероини минатата година (во својата шеста деценија). Сексот веќе го нема во насловот, а ја нема ни Саманта.

Серијата се покажа доста разочарувачка, но благодарение на славата на претходниците, доаѓа втората сезона предводена од Сара Џесика Паркер како легендарната Кери Бредшо, сега авторка на поткаст. Во втората сезона се враќаат некои добро познати лица кои ќе им го комплицираат животот на нашите омилени ликови.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура