X
 04.01.2023 Економија

Список со производи што не смеат да се внесат во Хрватска

Со почетокот на новата година Хрватска официјално стана дел од еврозоната, но и од шенген-зоната - најголемото подрачје за слободно движење на стоки и луѓе во светот. Соодветно на тоа, важат нови правила за преминување на границата на Хрватска.

Во продолжение се некои работи кои не смеат да се внесат во оваа земја без плаќање такса. Оваа листа се однесува на стоки од земји кои се надвор од ЕУ, со исклучок на Швајцарија, Исланд, Норвешка, Сан Марино, Андора и Лихтенштајн.

Тутунски производи

Патниците во авионскиот сообраќај во Хрватска може да внесат повеќе тутунски производи отколку оние што патуваат на друг начин. За оние во авионите, дозволени се 200 цигари, 100 цигариљоси, 50 пури и 250 грама тутун за пушење. За оние што патуваат со патен или железнички сообраќај, дозволени се 40 цигари, 20 цигариљоси, 10 пури и 50 грама тутун.

Сите патници може да внесат иста количина од најмногу 50 грама загреан тутунски производи, 10 милилитри е-течност, како и 50 грама таканаречени нови тутунски производи.

Алкохолни пијалаци

Кога се во прашање алкохолните пијалаци, истите правила важат за сите патници. Дозволено е внесување 16 литри пиво, 4 литри вино и 2 литри алкохолни пијалаци кои имаат помалку од 22% алкохол, односно 1 литар посилни алкохолни пијалаци.

Храна

Царинските службеници прават контрола на производите од животинско потекло кои се во личниот багаж на патниците, така што не се дозволуваат производи од месо или млеко. Се дозволуваат 20 килограми риба или морски плодови по лице. Кога станува збор за другите производи од животинско потекло, како мед, јајца, полжави или месо од жаба, се дозволуваат најмногу 2 килограми по лице. Свежо овошје и зеленчук, освен компир, може да се внесат до 5 килограми.


Фото: Pixabay

Други производи

Може да се внесат најмногу 2 килограми млеко во прав за доенчиња и посебна храна која се користи од медицински причини, како и храна за домашни миленици која се користи поради здравствени причини. Дозволено е внесување леб, колачи, вафли, двопек и слични производи со помалку од 20 отсто преработени млечни производи и производи од јајца без ограничување. Нема ограничување ниту за производи како чоколадо со помалку од 50 отсто преработени млечни производи и производи од јајца, како и маслинки, тестенини и супи.

Кога станува збор за горивото, може да се пренесат најмногу 10 литри гориво кое е идентично на она што го користи возилото.

Лекови

Внесувањето лекови за лична потреба е дозволено во количини потребни најмногу за лекување од еден месец (под услов да се одобрени од надлежните тела во земјата произведувач) и со поседување соодветна медицинска документација.

Внесувањето лекови кои содржат дрога е возможно во количество потребно за лекување до најмногу 5 дена. И во овој случај треба да се поседува медицинска документација. Казните за несоодветно пренесување вакви лекови се до 13.000 евра.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија