X
 04.02.2017 Образование

Како децата во Данска учат за емпатија во градинките и училиштата?

Без емпатија нема здрави и исполнети односи, врски и социјален живот. Оној кој не може да се стави на нечие место или не ги чувствува емоциите и енергијата на другите луѓе, тешко ќе покажува разбирање, сочувство, љубов, потреба да помогне, да слуша, удобност, поддршка и нема да знае да прифати топлина, нежност и љубов од другите луѓе. Сигурно дека сите родители сакаат нивното дете да живее опкружено со љубов и топлина.

Емпатијата се учи преку социјализација, првенствено во домот, меѓутоа и во градинките и училиштата.


Фото: Pixabay

Како сето тоа го прават Данците опишуваат авторките Џесика Алекзендер и Ибен Сандал во книгата „The Danish Way of Parenting; What the Happiest People in the World Know About Raising Confident, Capable Kids“. Во нивната книга може да се најде опис за тоа како данските градинки и училишта ги учат децата на емпатија преку паметно дизајнирана програма вградена во задолжителната наставна програма.

Колку за потсетување, Данците со години се наоѓаат на врвот на најзадоволни, најсреќни и најисполнети нации во светот, па вреди да се види што тие прават добро како народ за да се чувствуваат среќно. Емпатијата е една од клучните вредности поради која се чувствуваат среќни, па затоа игра главна улога во создавањето на односи и врски, а здравите социјални врски и односи најмногу влијаат врз нашето внатрешно чувство на среќа. Ако се чувствуваме сакано, прифатено, сигурно, заштитено, спокојно и опуштено, во друштво на драги луѓе, со еден збор се чувствуваме - среќни.

Емпатијата е вештина која се учи. Во данскиот образовен систем учењето емпатија се смета за еднакво вредно како и учењето математика или литература и е составен дел од наставниот план за градинките па се`  до крајот на средното образование. Данците сериозно ги сфатиле резултатите од бројните истражувања кои велат дека емпатијата ги прави децата емоционално и социјално компетентни и значително ја намалува злоупотребата меѓу врсниците. Исто така, емпатичните деца стануваат поуспешни и попродуктивни од возрасните луѓе. Најновите истражувања од универзитетите Дјук и Државниот универзитет во Пенсилванија следеле 750 лица во период од 20 години. Оние кои уште во градинка знаеле да делат и да им помагаат на другите деца, повеќето матурирале, се запишале на факултет и пронашле постојана работа. Оние кои уште во градинка покажале помала социјална флексибилност, често пати се откажувале од образованието, завршувале во затвор или без работа.

Како данските деца учат за емпатијата во градинките и училиштата?

Во наставната програма постојат неколку различни програми, но авторката на книгата посебно става акцент на програмата „Klassen Time“ (во превод „Час за одделението/Класен час“). Децата во него се вклучуваат уште со посетувањето на градинка, односно од 6 години и го учат до матура, односно 16 години.

Овој час се одржува еднаш во неделата и трае најмалку еден саат. Сите деца се собираат во посебно дизајнирана училница за релаксација. Седат на перници, лежат на душеци и опуштено разговараат. Во текот на овој час секој има право да зборува за проблемот кој го мачи. Без разлика дали станува збор помеѓу двајца ученици, проблем  со наставниците, проблем со безобразни деца, проблем со материјалот кој не го сфаќаат или било кое друго прашање од училиште. Децата можат да зборуваат и за тема која не е поврзана со училиштето. Се разговара за медиумите и за вести од кои децата се плашат, за разводот на родителите, за животните и домашните миленичиња, за промената низ која едно семејство поминува. На кратко, децата можат да зборуваат за што сакаат и за се` она што делува врз нивните емоции. Наставничката остава и другите деца да коментираат и сите заедно да пронајдат решенија. На овој начин сите деца се ставаат „во туѓи чевли“ и активно нудат помош за детето на кое му е потребна. Често пати, наставниците имаат своја листа на „проблеми“ кои ги забележале во текот на неделата, па ги споделуваат со децата и  ги поттикнуваат самите да пронајдат решение кое е праведно и морално.

Доколку во одделението нема проблеми или сериозна тема за која треба да се дискутира, децата едноставно лежат, молчат, уживаат, мечтаат, дишат, медитираат.

Тоа не е се`. Секоја недела, една група на деца задолжена за овој час, прави позната данска торта според стар рецепт со која на крајот децата се почестуваат. Исто така, секое дете има можност да направи нешто убаво и вкусно за своите соученици.

Главна тема - меѓусебно озборување, навредување

Практиката покажува дека најмногу децата зборуваат за проблемите со врсниците, односно за озборувањето, социјалното исклучување. Заедничките дискусии во овие ситуации често пати го решаваат проблемот, па ретко доаѓа до злоупотреба или физичка агресија меѓу децата.

Најважно е дека секој се сослушува и се поттикнуваат децата да сфатат како некој друг се чувствува и зошто така се чувствува. Сите решенија до кои ќе дојде одделението се базираат на слушање и меѓусебно разбирање.

Замислете само какви долгорочни, позитивни и општествени промени оваа програма би донела за нашето општество. Само еден саат неделно, од 6 до 16 година од животот на децата тие учат да го сослушаат другиот, да разговараат, да се обидат да се стават на место на некој послаб од себеси и да му помогнат да пронајде решение - за вакви деца никогаш нема да треба да се грижиме за нивната иднина. Општествените односи и емоционалните врски еден ден би биле моќно оружје за борба против сите проблеми и несреќи, односно добра подлога за децата да се чувствуваат среќни, задоволни и сакани.

Автор: Јелена Ковачиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование