X
 04.02.2019 Наша тема

Лотарија е како ќе поминеме со грипот. Во регионот се бројат жртви

Што може да нè очекува во наредниот период кога заразата повеќе ќе се шири, колку загадувањето ќе му оди во прилог на грипот, според лекарите, е лотарија

Не може да се прогнозира што нè очекува кога станува збор за грипот. Кај нас неговата активност сè уште е ниска, а во регионот здравствените власти бројат смртни случаи од вирусот. И таму и овде најмногу заразува свинскиот грип А/Х1Н1. Што може да нè очекува во наредниот период, кога заразата повеќе ќе се шири, колку загадувањето ќе му оди во прилог на грипот, според лекарите, е лотарија. Имало години кога сме поминувале со само 2.400 заразени, па епидемиолозите се надеваат дека ќе имаме таква среќа.



Колку е опасна комбинацијата на грип и големо загадување


Во текот на минатата недела во Црна Гора, како што соопшти тамошниот Институт за јавно здравје, од грип починале петмина. Меѓу починатите е и двегодишно дете. Во Хрватска, до 27 јануари, од грип починале 45 лица, соопшти Хрватскиот институт за јавно здравје. Од Институтот посочија дека досега се регистрирани 28.664 случаи на лица заболени од грип.
-Вкупно, во европските земји, според извештаите, смртноста не е зголемена. За тоа што да очекуваме - тоа буквално е лотарија. Сега циркулира А/Х1Н1, кој не беше доминантен неколку години. Кога тип на вирус не бил толку зачестен, полека паѓа имунитетот на организмот за него, тој мутира, па организмот го доживува како нов – објаснува д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Загадувањето е секогаш проблем зашто организмот се бори против него и се намалува имунитетот. Лекарите велат дека комбинацијата на грип, хронично заболување и големо загадување е прилично заканувачка за организмот.
- Најризични кога станува збор за компликации се групите: деца до 5 години, хронично болни, постари од 65 години и бремени жени – вели д-р Микиќ.
Во последните 10 години најмал број на пациенти за кои е утврдено дека имаат грип бил во сезоната пред пандемијата од свински грип – 2008/2009. Тогаш имало 2.400 регистрирани случаи.



Се очекува пораст

Во текот на четвртата недела од годинава, од 21 до 27 јануари, во ИЈЗ се пријавени 643 случаи со симптоми на грип, што е зголемување за 20,2% во споредба со една недела претходно. Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип. Во сезоната 2018/2019 од грип се разболеле 2.873 граѓани. Во споредба со истиот период од минатата сезона, вкупниот број на пријавени случаи е помал за 17,4 отсто, а во споредба со последните 8 сезони има намалување од 68%. Сезонава најмногу разболени имало во
Гостивар, Тетово и во Скопје.
Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, од примероците со грип што стасале на испитување, најчесто се изолирал свински грип – А/Х1Н1 и А/Х3Н3. Овие вируси доминантно циркулираат и во европските земји.
- Бројот на регистрирани случаи на грип е под неделната граница на сезонска активност, но се забележува зголемување во споредба со претходната недела. Процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор оваа недела е 63,2%, што укажува на зголемена активност на вирусот на грип. Се очекува пораст на активноста на вирусот на грип во текот на следните недели – коментираат од Институтот за јавно здравје.
Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа премаленост, истоштеност, болки во мускулите и во зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите овие симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии, тој процент се движи од 20 до 30 отсто) или, пак, со благи симптоми на настинка.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема