X
 04.02.2020 Наука

Неверојатна симулација на НАСА открива како би изгледала Земјата без океани

Океаните покриваат поголем дел од Земјата, вклучително и најдолгиот планински венец и античките мостови кои луѓето ги поминувале за да стигнат до другите континенти.

Во неодамнешна преработка на видео на НАСА од 2008 година, планетарниот научник Џејмс О'Донахју покажува како би изгледало ако сета таа вода ја снема, откривајќи ги скриените три петтини од површината на Земјата.

О'Донахју работи во јапонскиот Центар за вселенски истражувања и порано работел во НАСА. За да го направи видеото, тој зел анимација која физичарот и аниматор Хорас Мичел од НАСА ја направил во 2008 година и додал неколку работи. Тој го променил тајмингот и додал следач за да покаже колку вода снемува за време на анимацијата.

Еве ја неговата забавена верзија на видеото.



Како што океаните полека губат вода, првите делови на скриено земјиште што излегуваат се подводните рабови на континентите. Тие вклучуваат некои мостови кои раните луѓе ги поминувале кога мигрирале од континент на континент. Пред десетици илјади години нашите претходници можеле да одат од континентална Европа до Велика Британија, од Сибир до Алјаска и од Австралија до соседните острови.

- Кога се случила последната ледена доба, голема количина океанска вода била замрзната на половите. Затоа постоеле мостовите. Секое такво поврзување им помагало на луѓето да мигрираат и кога ледената доба завршила, водата на некој начин ги заробила - објаснува О'Донахју.

Преку отстранување на таа вода, анимацијата овозможува поглед во светот на нашите антички предци.

Исто така, анимацијата го покажува најдолгиот планински венец, кој се појавува штом нивото на морето се намалува 2 до 3 илјади метри. Станува збор за средноокеанскиот гребен, кој е долг околу 60.000 километри и 90 отсто од него се под вода.


Кога анимираните океани пресушуваат до 6.000 метри под нивото, поголемиот дел од водата го нема. Но, потребни се дополнителни 5.000 метри за да се испразнат најдлабоките делови на Маријанскиот Ров, најдлабокото место на Земјината кора.

- Ми се допаѓа како оваа анимација открива дека океанското дно е еднакво променливо и интересно во геологијата како и континентите - вели О'Донахју.

Тој додава дека празнењето на морињата го открива не само океанското дно, туку и античката приказна на човештвото.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука