X
 04.03.2020 Образование

Италија ги затвори сите училишта и универзитети поради коронавирусот

Италијанската влада одлучи да ги затвори сите училишта и универзитети во земјата до средината на март во обид да ја запре најлошата епидемија на коронавирус во Европа.

Италијанската влада ги затвори училиштата и универзитетите во најпогодените области на северот од земјата пред десетина дена и стави во карантин неколку градови кои се наоѓаат во епицентарот на епидемијата. Сепак, заразата се прошири и најмалку 79 лица починаа, а повеќе од 2.500 Италијанци се заразени.

Во меѓувреме, Франција затвори околу 120 училишта во областите со најголем број заразени со вирусот. Затворени се училишта во област северно од Париз, каде што се појави главниот кластер на француски случаи и каде што живееја двете лица кои починаа од вирусот.

Од затворањето на училиштата се погодени околу 35.000 ученици, истакна францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланке.

Ова не се единствените земји што ги затвораат училиштата поради коронавирусот. Исто така, сите училишта и високообразовни институции во Обединетите Арапски Емирати ќе бидат затворени во период од четири недели, соопшти министерството за образование. Учениците од оваа земја ќе присуствуваат на часови виртуелно преку иницијатива за учење од далечина.

Извори: Reuters, BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование