X
 04.03.2022 Живот

Радиолог објаснува што да имате со себе за време на нуклеарен напад

Српскиот радиолог Александар Ивковиќ на својот блог напиша што треба да имаат луѓето за време на нуклеарен напад. Како што пишува тој, неговата намера не е да исплаши некого, туку да понуди реален поглед во мноштвото дезинформации што се појавиле.

Според него, Балканот не е интересен за нуклеарно оружје, но вели дека не е политички аналитичар и е противник на која било војна. Еве што пишува понатаму.

- Основно е да не кревате паника. Знаеме како завршуваат паничните реакции на радијација - Фукушима - 0 мртви од радијација, а 1.599 мртви од паника. Не дозволувајте си го тоа. На доволна оддалеченост сте да не ве убие самата експлозија и бранот од огнената стихија што следува, но гледате печурка, што понатаму?

1. Најдете засолниште, оддалечете се од прозорците, изгаснете ги клима-уредите и затворете ги сите отвори. Нема многу време и бидете брзи.

2. Најдобри се подземните засолништа, но ако ги нема или не можете да стигнете до такво, бидете во средината на зградата, не на врвот.

3. Првиот час апсолутно не мрдајте од засолништето. Она што е најопасно, а поврзано за радијацијата, ќе се распадне во тој час.

4. Движењето е можно по еден час, но не движете се освен за да најдете подобро засолниште.

5. Ако имате добро засолниште, пробајте да не се мрдате тие 48 часа. Радијацијата е значајно пониска, но постојат точки на кои е висока.

6. Обично сите држави имаат сигурносни системи кои служат за известување. Потребен ви е транзистор на батерии, електрична енергија веројатно ќе нема.


Фото: Александар Ивковиќ/Ljudi i lazi

Сет за преживување:

- вода за 3 дена, се смета дека по личност се доволни 4 литри на ден. Ако е можно, резерви за две седмици;
- храна за 3 дена, најлогичен избор се конзервите кои не се расипуваат. Ако е можно, резерви за две седмици;
- батериска ламба;
- радиоапарат на батерии и батерии за резерва;
- проширена прва помош: таблети аспирин, антибиотик со широко дејство, антисептички марамчиња, гел за суво миење на рацете, топломер и сѐ што оди во пакувањата за прва помош за автомобилите, но со термоќебе за секоја личност;
- лекови за една седмица;
- алат за повеќе намени, популарниот швајцарски нож;
- средства за хигиена;
- копии од сите документи;
- готовина;
- пренослив полнач за мобилен телефон;
- мапа од пошироко подрачје.

Ивковиќ додава дека во случај на нуклеарен напад, треба да се земе предвид дека инфраструктурата е уништена, а нормалниот живот би можел да се врати по три месеци. За оние што биле надвор, важно е да ја соблечат облеката и да се истушираат бидејќи водата е одлична за отстранување на радијацијата.

Тој додава дека треба да се знае дека дури и доколку сте изложени на радијација, тоа не значи дека ќе се разболите и потсетува на јапонски жител кој ги преживеал атомските бомби во Хирошима и Нагасаки и починал дури на 94-годишна возраст. Во овие несреќи се забележани вкупно 507 карциноми од 79.972 лица што ги преживеале експлозиите, а се забележани 20 деформитети по раѓањето, вели тој.

Извор: Ljudi i lazi
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот