X
 04.04.2019 Живот

Нов тренд за користење годишен одмор - неограничен број денови

Неограничен број денови за годишен одмор звучи како одлична идеја, нели?

Иако ваквиот бизнис-модел во нашите компании е незамислив, најновите истражувања од „Метрополитен“ откриваат дека токму овој тренд во САД станува сè попопуларен. Бројот на компании што на своите вработени им овозможуваат ваков одмор е во пораст, особено во технолошкиот сектор. Така, веќе некое време ваква политика на работење имаат „Нетфликс“, „Дропбокс“, „Линкдин“, „Хабспот“, „Фејсбук“ и многу други.

Причината за тоа е генералната промена на начинот на работа. Овој начин на работа е најприсутен во компании во кои поголемиот број вработени се милениумци кои сакаат флексибилно работно време, опуштена атмосфера, но и одлична работна средина.

одмор
Фото: Wavebreak


Иако и понатаму повеќето работодавци сметаат дека ваквата практика не е добра и дека секогаш ќе има поединци што ќе го искористат системот, истражувањето покажало дека вработените што ја имаат оваа опција поретко го користат годишниот одмор. Вработените во ваквите компании во просек земаат 13 дена одмор во период од една година.

- Кога го воведовме системот на неограничен број денови за годишен одмор, бројките нè шокираа. Луѓето не го искористуваа овој модел и не земаа повеќе денови. Напротив, користеа многу помалку слободни денови - вели Хаје Јан Кампс, извршен директор на една стартап-компанија.

Но, иако моделот на неограничен број денови за годишен одмор звучи одлично, не е совршен. Имено, некои компании заклучиле дека овој систем кај нивните вработени воведува еден вид страв од одење на одмор, па со текот на времето сè помалку и помалку земале слободни денови, што повторно се одразило врз нивната работоспособност.

Токму од оваа причина и бидејќи сè уште не е потврдена ефективноста на моделот, експертите препорачуваат секоја компанија да размисли за неговото воведување и дали ќе влијае позитивно или негативно врз вработените.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот