X
 04.04.2020 Живот

Резултатите од тестовите за коронавирусот во Исланд покажуваат дека 50 отсто од случаите немаат симптоми

Постојат многу работи во Исланд на кои другите земји би можеле да му завидуваат: прекрасната природа, фактот што е една од најсреќните нации и масовното тестирање за коронавирус на населението.

Експертите велат дека сеопфатното тестирање е клучно за контролирање на вирусот и за создавање поточна слика за неговото ширење. Овој остров со 360.000 луѓе го прави токму тоа.

Од вторникот Исланд тестира повеќе од 17.900 луѓе - речиси 5 отсто од својата популација. И додека Националната универзитетска болница ги тестира луѓето со висок ризик или оние што покажуваат симптоми, речиси половина од тестовите во Исланд биле спроведени од компанијата „Дикоуд џенетикс“, која се фокусирала на пошироката популација.

Скрининг-програмата на оваа компанија ги прифаќа сите барања за тестови што не покажуваат симптоми и моментално не се наоѓаат во карантин - се вели во изјавата на Дирекцијата за здравје на Исланд, додавајќи дека фирмата го правела тоа по барање на главниот епидемиолог и здравствената агенција.

Кои се главните наоди?

„Дикоуд“, подружница на американската биотехничка компанија „Амген“, досега тестирала 9.000 лица.

- Резултатите од дополнителните тестови извршени од „Дикоуд“ дадоа индикација дека напорите за ограничување на ширењето на вирусот досега се ефективни - напиша владата минатата недела, додавајќи дека тестирањето кај општата популација ќе продолжи да покажува појасна слика за вистинското ширење на вирусот во Исланд.

Некои од откритијата се изненадувачки. Иако помалку од 1 отсто од тестовите биле позитивни, основачот на компанијата, д-р Кари Стефансон, за Си-ен-ен изјави дека 50 отсто од позитивно-тестираните луѓе рекле дека се асимптоматски, потврдувајќи повеќе истражувања што покажуваат дека асимптоматските или благо симптоматските луѓе играат важна улога во ширењето на вирусот.

- Она што го мислам е дека со масовното тестирање рано ги фаќаме инфекциите, уште пред тие да почнат да покажуваат симптоми. Имајте на ум дека сега скринингот е рандомизиран, така што има одредена пристрасност во податоците - се вели во соопштението на Дирекцијата за здравје.

island
Фото: Pixabay

Ова им помогнало на истражувачите да го визуализираат ширењето на вирусот.

- Можеме да го утврдиме географското потекло на вирусот кај секој во Исланд. Постојат специфични, мали мутации во вирусот што доаѓа од Италија, Австрија и од Велика Британија. Имаше и специфичен за западниот брег на САД - вели Стефансон.

Тој истражува дали мутациите во вирусот се одговорни за тоа колку различно реагираат луѓето на него - кај некои се развива лесна настинка, додека кај други потребен е респиратор, и дали генетиката на една личност ја диктира состојбата.

- Или можеби станува збор за комбинација од двете - прашува Стефансон.

Неговата компанија е во добра позиција за да одговори на прашањето, со оглед на тоа што ги има медицинските и генотипските податоци на речиси половина од населението во Исланд.

Зошто Исланд одлучи да не ја „заклучи“ државата?

Исланд допрва треба да преземе подраконски мерки што веќе се преземени низ цела Европа и Азија, иако островската земја веќе има забрането собири од 100 лица и повеќе и ги затвори училиштата.

Официјалните лица велат дека не се потребни порестриктивни мерки затоа што се добро подготвени и вооружени со податоци за следење на вирусот.

- Тестирањето и следењето на контактите се едни од клучните причини зошто карантинот не е потребен во овој момент. Постои и друга причина, не помалку важна - воведовме агресивна политика за карантин за поединци за кои се претпоставува дека се изложени на ризик од заболување - вели Дирекцијата за здравје.

Исланд почна со тестирање на популацијата на почетокот од февруари, неколку недели пред првиот смртен случај поврзан со коронавирусот, додавајќи дека здравствените работници агресивно ги следеле контактите и ги ставиле во карантин потврдените и сомнителните случаи на Ковид-19.

Податоците покажуваат дека има 1.319 потврдени случаи во Исланд, околу 1.000 лица во самоизолација и повеќе од 5.000 во карантин.

- Единствената причина што ни оди добро е што сме уште повнимателни. Сериозно ја сфативме веста за епидемијата што почна во Кина - вели Стефансон.

Тој очекува компанијата да тестира најмалку 50.000 луѓе, што е околу 13 отсто од населението.

Стефансон вели дека Исланд би можел да им помогне на земјите да развијат модели за ширење на болеста и да им помогне на истражувачите да ги разберат преносителите во заедницата.

Многумина забележуваат дека поради тоа што Исланд има мал број на население, полесно е да се изврши тестирање во широк опсег. Но, Стефансон не се согласува.

- Нема никаква врска со големината на населението, ова е поврзано со тоа колку земјата е подготвена за пандемија - вели тој и додава дека многу развиени земји би можеле да имаат вакви индустријализирани тестови уште одамна, но се однесуваа како ништо да не се случува.

Извор: CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот