X
 04.04.2021 Наука

Еве како човечкото срце се приспособува на условите во вселената

Откако астронаутот Скот Кели поминал речиси една година во вселената, неговото срце се намалило и покрај фактот што тој вежбал шест дена во неделата во текот на неговиот 340-дневен престој, според новото истражување.

Изненадувачки, истражувачите ја забележале истата промена кај Беноа Лекомте, откако тој го завршил своето 159-дневно пливање преку Тихиот Океан во 2018 година.

Наодите посочуваат дека долгорочната бестежинска состојба ја менува структурата на срцето, предизвикувајќи намалување и атрофија, а вежбите со низок интензитет не се доволни за да се спречи тоа.

Гравитацијата што ја доживуваме на Земјата е она што му помага на срцето да ги задржи и големината и функцијата, бидејќи го одржува пумпањето на крвта низ нашите вени. Дури и нешто едноставно како стоење и одење наоколу помага да се повлече крв во нашите нозе.

Кога елементот на гравитацијата се заменува со бестежинска состојба, срцето се намалува.

Кели живеел во отсуство на гравитација на Меѓународната вселенска станица од 27 март 2015 година до 1 март 2016 година. Тој вежбал на стационарен велосипед и лента за трчање и вметнувал активности за отпор во својата рутина шест дена во неделата, два часа секој ден.

Лекмот пливал од 5 јуни до 11 ноември 2018 година, поминувајќи 2.820 километри и просечно околу шест часа на ден ги поминувал пливајќи. Оваа активност може звучи екстремно, но секојдневното пливање се смета за активност со мал интензитет.

И покрај тоа што Лекомт бил на Земјата, тој поминувал часови во вода, што ги неутрализирало ефектите на гравитацијата. Пливачите на долги растојанија се во хоризонтална положба со лицето свртено надолу.

Истражувачите очекувале дека активностите направени од двајцата мажи ќе спречат нивните срца да доживеат какво било намалување или ослабување. Податоците собрани од тестовите на нивните срца пред, за време и по овие екстремни настани го покажале спротивното. Така, Кели и Лакомт доживеале губење на масата и почетен пад на дијаметарот во левите комори на срцето.

И долготрајното летање во вселената и долготрајното престојување во вода довеле до специфична адаптација на срцето, вели авторот на истражувањето, д-р Бенџамин Левин, професор по интерна медицина/кардиологија при Медицинскиот центар на Универзитетот „Сатувестерн“ во Тексас.

Додека авторите истакнуваат дека проучувале само двајца мажи, потребно е дополнително истражување за да се разбере како реагира човечкото тело во екстремни ситуации.

Во овој случај, истражувачите виделе дека срцето се приспособило, но намалувањето не предизвикало никакви лоши ефекти, ниту моментални ниту долгорочни.

- Срцето станува сè помало, се намалува и атрофира, но не станува послабо и тоа е добро - вели Левин, кој е и директор на Институтот за вежбање и медицина, соработка помеѓу Универзитетот „Саутвестерн“ и тексашката здравствена болница „Далас“.

- Функцијата е нормална, но бидејќи телото е навикнато да пумпа крв нагоре, спроти гравитацијата во исправена положба, кога ќе го отстраните тој гравитационен стимул, особено кај некој што е прилично физички активен, срцето се приспособува на тој нов товар.

Левин ја забележал приспособливоста на мускулната маса на срцето, од која речиси три четвртини реагираат на физичка активност.

vselena
Фото: Freepik

- Ако нешто научив во 25 години истражување за тоа како срцето се приспособува на летот во вселената, тренингот и големата надморска височина, тоа е дека срцето е неверојатно приспособлив орган и одговара на барањата што му се наметнуваат.

Во моментов, сите астронаути имаат ист режим за вежбање што Кели го практикувал додека бил на вселенската станица.

Левин верува дека сегашните контрамерки функционираат, но ќе треба да се постават ограничувања поради дозволениот простор за опрема за вежбање на идните возила.

Веслачите имаат најголемо срце од сите спортисти, вели Левин, па комбинација на веслање и вежби за сила може да бидат најдобра стратегија за астронаутите.

Веслањето е динамична вежба затоа што го оптоварува срцето на начин што истовремено се чувствува како тренинг за сила и издржливост.

Астронаутите во просек се мажи и жени на средна возраст, па затоа главна грижа е тоа што може да доживеат срцев удар. Овие вселенски истражувачи се подложени на доста медицински прегледи, но се соочуваат со истите работи како и секој човек, вклучувајќи хипертензија и покачен холестерол.

Што се случува со срцевите артерии по долгорочно изложување на бестежинска состојба и зрачење? Тоа е прашање на кое Левин и неговите колеги сакаат да одговорат во иднина. Тие ќе ги анализираат коронарните артерии на астронаутите пред и по летот користејќи компјутерска томографија, ангиограм и рендгенски тест што може да ја открие целокупната структура и обвивка на срцевите артерии.

- Атријалната фибрилација или брзото, неправилно чукање на срцето е најчестата форма на аритмија. Астронаутите ја добиваат околу една деценија порано од другите луѓе - вели Левин. Можеби тоа е причината што двете горни комори на срцето се шират во вселената.

Левин е загрижен дека астронаутите би можеле да бидат изложени на ризик да го развијат ова за време на долготраен вселенски лет. Иако не е опасна за живот, атријалната фибрилација може да предизвика непријатност, да ја намали толеранцијата на вежбање и да го зголеми ризикот од мозочен удар кај луѓе кои инаку се здрави, вели тој.

Пристапот до магнетна резонанса за астронаутите пред и по нивниот лет во иднина може да им обезбеди на истражувачите подобро и подетално разбирање за тоа што се случува во десната и во левата комора на срцето, вели д-р Џејмс Мекнамара од Универзитетот „Саутвестерн“, кој работи заедно со Левин.

Левин и неговите колеги ќе проучуваат уште 10 астронаути кои планираат да поминат една година во вселената во текот на наредната деценија, фокусирајќи се на најинтензивниот изглед на срцевите артерии и на самиот мускул. Истражувањето ќе вклучува и астронаути кои ќе поминат шест месеци на вселенската станица, како и летови со пократко траење.

Извор: Edition.cnn.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука