X
 04.05.2018 Наша тема

Арда Мустафаоглу освојува интернационални награди: Најважно е да си подготвен, посветен и да го сакаш тоа што го правиш

Талентот, умешноста, професионалноста, љубовта и посветеноста се најважните чинители на една успешна уметничка кариера. Со своите настапи успеал да се избори и за мастер-часови со врвни професори, како Хериберт Кох, Џовани Белучи, Шантал Стиглиани, Рамзи Јаса, Денис Зарди, Рита Трпчева-Поповиќ, Жени Захариева...


Скромен и фантастично смирен. Таков прв впечаток остава Арда Мустафаоглу, иако веќе гради интернационална кариера како пијанист со само 15 години. Долгата низа на успеси и награди што ги постигнал сам со својот талент се должи на љубов, упорност, истрајност и неизмерна поддршка од родителите. Арда има учествувано и освоено реномирани натпревари во Италија „Сан Дона ди Пиаве“ и „Антонио Салиери“, натпревар во Кралскиот конзерваториум во Брисел - Белгија, ЕМСИ натпревар во Истанбул - Турција…
Десетина специјални и лауреатски награди на престижни регионални натпревари во Бугарија, Србија, Албанија. На свои 15 години одржува солистички рецитали во Македонија и во Србија, настапува на големи европски сцени и фестивали во Италија и во Германија. Со своите настапи успеал да се избори и за мастер-часови со врвни професори, како Хериберт Кох, Џовани Белучи, Шантал Стиглиани, Рамзи Јаса, Денис Зарди, Рита Трпчева-Поповиќ, Жени Захариева...
Арда деновиве го освои првото место на меѓународниот онлајн музички натпревар „EMuse“, организиран од Меѓународната асоцијација за уметност „The Muse“ од Атина. Како првонаграден, ќе одржи концерт во Византискиот музеј во Атина на 30 јуни.



Настапувал со Македонската филхармонија, имал солистички настап со интернационалниот Мармара квинтет во Србија, солистички настап во Teatro Metropolitano во Венеција - Италија, Estato musicale - престижен фестивал во Верона - Италија, Schumann Festival во Бон - Германија и следува рецитал во Париз - Франција.


Нема тајни, треба да работиш

- Имам можност да свирам на нови подиуми и во големи концертни сали, да прошетам многу делови од светот, да се запознам со прекрасни луѓе, да научам за традицијата на другите земји... Oна што како мал го гледав само на слики, сега имам можност да го видам во живо и да уживам во него – вели Арда.
Смета дека нема никакви тајни за успешност или успешен настап.



- Најважно е да си добро подготвен, да си посветен и да го сакаш она што го правиш. Работата да ја чувствуваш како нешто што те прави среќен. Успехот не е притисок, но за да бидеш постојано успешен, мора да си одговорен и дисциплиниран. Сметам дека најголем неуспех е доколку не се обидеш да го следиш својот пат – вели Арда.
Дисциплината е негова јака страна. Секое утро му започнува со подготовка за претстојниот училиштен ден и вели дека по часовите следува вежбање.






Вежбањето може да трае и преку целиот ден


Доколку има настап, подготовките се сериозни, посветен е само на интерпретацијата и ужива во неа. За солистот, сцената претставува најголемо уживање, вели тој. Некогаш вежба по четири часа дневно, но кога треба да научи ново дело, или ако има настап, вeжбањето може да трае и 10, па и 12 часа. Пијанистите мора да ги знаат делата напамет, па имаат техники како брзо да ги научат.



- Вежбам напорно, но, секако, се наоѓа време и за дружба и за љубов. Убавите дружби ме прават среќен – се смее.
Најмногу учи од своите професори, а семејството, секогаш е со него, го разбира и го поддржува, додава тој. Арда има цела низа омилени композитори. Ги издвои Равел, Бетовен, Чајковски... Како пијанисти, пак, го импресионираат Данил Трифонов, Иво Погорелиќ, Марта Аргерич, Евгениј Кисин, Даниел Баренбоим... Во волшепствата на музичката наука навлегува и со професорката Павлина Нечевска-Јосифова и со прекрасниот тим, како што вели, професори кои не се штедат да му го пренесат знаењето.



Арда е трудољубив и целосно му се посветува на пијаното. Ја истакнува почитта кон наставниците, но и љубовта кон книгите. За тоа, најголемо влијание има неговата повозрасна сестра Дарја.
- Таа е нашиот семеен успешен гимназијалец на кој сме многу горди – раскажуваат Арда, мајка му Самира и татко му Дениз.
Искрениот однос кон учењето и сериозниот пристап на професорите во неговото образование се мотивот за неговиот успех. А тој, очигледно допрва ќе расте.

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема