X
 04.05.2019 Култура

Краткиот филм има голема примена во градинките, училиштата, музеите. Интервју со Хајнц Херманс, директор на „Интерфилм - Берлин“

Младите луѓе особено многу време поминуваат на компјутер и на нивниот мобилен. Таму има место и за невообичаени кратки филмови, кои по правило убедуваат со својата оригиналност

Речиси четири децении е директор на „Интерфилм - Берлин“, еден од најголемите фестивали за кратки филмови во Европа. Вели дека краткиот филм не е вежба за долгиот формат, туку има сопствена форма. Хајнц Херманс деновиве престојува во Скопје како гостин на 14. Фестивал на новиот германски филм. Тој ќе одржи предавање за краток филм пред студентите на Факултетот за драмски уметности и ЕСРА, но и за филмските работници од Македонија.

Хајнц Херманс/ Фото: Вангел Тануровски

Сте раководеле со повеќе европски фестивали за краткометражни филмови. Кој би го издвоиле?

- Веќе 38 години го водам фестивалот на краткиот филм во Берлин. Тоа сигурно е и базата за другите фестивали. „Интерфилм“ почна како С8 филмски фестивал, во меѓувреме се квалификува за „Оскар“ и е еден од најголемите фестивали за кратки филмови. И филмскиот фестивал за поезија „Зебра“ е значаен чекор бидејќи ги спои поезијата и краткиот филм.

Како дојдовте до идеја да го основате фестивалот Going Underground. Каква свежина донесе алтернативната локација на одржување?

- Тогашниот нов ТВ-канал што одеше на екраните во берлинското метро сакаше да соработува со нас и бараше кратки содржини. Затоа дадов понуда да се направи фестивал на краток филм во метрото, за да тестираме како би реагирале гледачите на тоа и какви идеи би имале филмските работници во врска со ова. Беше тешко да се најдат филмови бидејќи филмските работници не разбраа дека условите во метрото се комплетно различни од оние на некој друг нормален фестивал - 90 секунди без тон. Но, често успевав да ги убедам режисерите нивниот оригинален филм да го скратат на 90 секунди. Филмовите добро поминуваа бидејќи останатата програма во метрото беше повеќе информативна и не беше особено интересна. Потоа филмовите во соработка со партнерски фестивал во Јужна Кореја можевме да ги прикажеме во Сеул. Таму добивме милионска публика од различни луѓе кои не би отишле на филмски фестивал за да гледаат краток филм. За жал, фестивалот го нема веќе во Берлин, денес постои само во Сеул.



Во време на доминацијата на блокбастери во филмската уметност, каде е местото на краткометражниот филм?

- Младите луѓе особено многу време поминуваат на компјутер и на нивниот мобилен. Таму има место и за невообичаени кратки филмови, кои по правило убедуваат со својата оригиналност. Се прикажуваат (како претходен филм) пред главниот филм во некои кина или во рамките на програма за кратки филмови. Има илјадници фестивали за краток филм кои привлекуваат милиони гледачи, бидејќи сакаат да откријат нови нешта во филмската сфера или сакаат да гледаат филмови кои инаку не може да се видат. Многу кратки филмови се прикажуваат на стотина фестивали и имаат многубројна публика, која е поголема од онаа на играните филмови. Краток филм од Аргентина успеа да добие 321 награда.


Хајнц Херманс / Фото: Wikipedia

Во свет во кој човекот има сè помалку време, каде го гледате овој жанр за 50 години?

- Тоа е многу долг период за кој не може да се даде процена. Луѓето ќе имаат многу повеќе време во иднина поради дигитализацијата и самите поактивно ќе го изберат тоа што сакаат да го гледаат. Значи телевизијата во нејзината моментална форма нема да ја има како таква, но затоа пак ќе има многу повеќе медиуми во кои токму краткиот формат ќе го најде своето место. Пејзажот на медиуми постојано се менува. Игрите имаат сè повеќе публика, но и краткиот филм ќе го најде своето место. Краткиот филм исто така има голем спектар на примена, не само во кината и на интернет, туку и во градинките, училиштата, музеите, кафулињата, универзитетите, на настани, саеми, во јавниот сообраќај и слично.

Која порака е најважно да стигне до студентите на кои ќе им одржите предавање во Скопје?

- Тие треба да сфатат дека краткиот филм има поинаква драматургија и јазик од долгометражниот филм и нуди шанса да се испробаат нови идеи и да се раскажат невообичаени приказни со невообичаени естетики. Краткиот филм, како поезијата или кратките приказни, не се вежба за долгиот формат, туку има сопствена форма. Краткиот филм со својата независност нуди многу поголеми можности за креативност и развој. Нив треба да ги искористат.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура