X
 04.06.2018 Економија

Најстабилната економија во Европа ги зголемува платите поради недостиг на работници

Чешките работници полека победуваат во војната против ниските плати. Оваа европска земја, чиј БДП од година на година сѐ повеќе расте, мака мачи со недостатокот на работна сила. Од 10,6 милиони жители, невработени се само 2,2 отсто, па новите работници се мамат со големи бонуси и сѐ поголеми плати, а претседателот на националната  заштитна организација на работници во Чешка, Јосеф Стредула, смета дека растот на платите ќе продолжи и во следните години.

- Во период од три-четири години платите ќе растат со реална стапка од 3 до 5 проценти годишно - рече Стредула во едно неодамнешно интервју.

Просечната плата на Чесите порасна и во последните неколку години, но не на толку висока стапка. Дури во последниот квартал од минатата година е остварен раст од номинални 8 отсто, односно 5,3 отсто кога ќе се пресмета инфлацијата. Така просечната плата во поранешната комунистичка земја изнесува 31.646 круни (1.430 евра). Според висината на платата, Чешка ги престигна Португалија и Грција, а опасно ѝ се приближи и на Шпанија.

Поради недостигот на работна сила, на почетокот од годинава во Прага сообраќаа значително помалку трамваи и автобуси, патниците доцнеа, а градот Брно им нудеше бонус во вредност од три месечни плати на шоферите. Работниците во „Шкода“ протестираа за платите да им бидат усогласени со работниците од „Фолксваген“, а тоа го добија пред еден месец, кога платите им беа зголемени за 20 отсто, а добија и бонуси, како и платена прекувремена работа.

Но, работници нема. Иако според бројот на невработени Чешка е подобра од Германија, никако не е подобра според висината на платата, која е меѓу најниските во Европа и не го следи пазарот.

- Дали би ја работеле истата работа како соседот во Германија, а за тоа да сте трипати помалку платени - прашува Стредула.

Прага
Фото: Pixabay

Чешкиот премиер Андреј Бабиш вети дека ќе им ги зголеми платите на здравствените работници, наставниците, но и пензиите на пензионерите. На крајот од минатата година сите државни службеници добија покачување од 10 отсто.

Инаку, Чешка, благодарение на добрите реакции на Централната банка која ја намали вредноста на домашната валута за да го сочува извозот, има најстабилна европска економија во 2017 година. Во Чешка едноставно има премногу работа, особено во автомобилската индустрија, а недоволно жители.

Истовремено, Хрватска, според податоците за април, има стапка на невработеност од 11,5 отсто и исто така мора да бара работници од други земји. Просечната плата е слична на онаа во Чешка, каде што речиси сите работат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија