X
 04.07.2018 Култура

Отсега можете да разговарате со книгите

На веб-страницата „Разговарај со книгите“ (Talk to books) ќе ве дочека пребарувач сличен на оние на кои сте навикнале. Единствено што кога во овој пребарувач ќе напишете одредена изјава или прашање, програмата на вештачката интелигенција ќе ја поврзе вашата реченица со наоди во големата база на најразлични книги што ги има на располагање.

Така, ќе добиете одговор или реплика во форма на цитат од белетристичките или стручните книги од цел свет. Оваа интерактивна веб-страница ја создаде „Гугл рисрч“.

knigi
Фото: Profimedia

Со секое ново внесување вештачката интелигенција што стои зад овој пребарувач се надградува и се подобрува за уште подобро да ја разбере човечката комуникација и да може да даде подобра реплика во иднина.

Засега оваа страница функционира само на англиски, но постојат планови за проширување и на другите светски јазици. Пребарувачот не бара врз основа на вашето внесување на зборовите, туку наместо тоа, вештачката интелигенција врз основа на вашиот внес се обидува да ја „препознае смислата“ на вашето прашање и да понуди соодветен одговор од својата ризница на знаења.

Системот моментално е во фаза на тестирање, меѓутоа, е достапен за јавноста. Затоа некои негови одговори сѐ уште не се совршени, но од ден на ден сѐ повеќе напредува. Освен што ви нуди корисни совети и цитати од големите мислители, страницата е одлична и за брзо пронаоѓање на книги ако не можете да се сетите на името на авторот или на насловот на некое дело.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура