X
 04.07.2019 Наша тема

Елена Наумоска, стипендист на Универзитетот „Св. Апостол Павле“: Предизвик е да се студира и да се работи истовремено

Апсолвентката на Универзитетот за информатички науки и технологии учествуваше на двонеделна обука во компанијата „Хуавеј“ во Кина, како дел од програмата „Seeds for the Future”


Елена Наумоска, апсолвентка на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е една од петте стипендисти на програмата „Seeds for the Future”, глобална иницијатива на „Хуавеј“ што се реализира во Кина. Станува збор за двонеделна програма во областа на информатичките и комуникациски технологии која е добро осмислена комбинација на технички предавања и тренинзи, збогатена и со можности за запознавање на културата и историјата на Кина, ни сподели Наумоска.

За неа ова било можност да ги прошири своите хоризонти, повеќе отколку што можела да си замисли.
- Компанијата „Хуавеј“ има голем развој од нејзиното формирање во 1987 година до денес. Јас лично сум импресионирана од сè што „Хуавеј“ има направено досега за светот во различни полиња. Уште при првото стапнување таму бев восхитена од фактот дека се наоѓам во таква светска компанија, трудејќи се да го запаметам секој момент и секое искуство. И еве, два месеца подоцна, тоа чувство не згаснува – вели Елена.


Елена Наумоска

Таа имала можност, пред сè, да се запознае со напреднитe технологии, вклучувајќи ја и употребата на 4Г и 5Г-мобилни мрежи, разгледувајќи ги предностите, недостатоците и секако - можностите за применување на овие технологии за креирање бизнис-модели и работни места.
- Практичната работа во овој сегмент се состоеше во конфигурирање на 4Г и 5Г-базни станици. Бидејќи мојата факултетска едукација не е конкретно насочена кон телекомуникации, овие теми ми беа предизвик и начнаа нов интерес. Дополнително имавме предавања и продуктивни дискусии за вештачка интелигенција, интернет на нештата (IoT), обработка на големи податоци (Big data), како и обработка во облак (Cloud computing), каде што активно се вклучував благодарение на знаењето стекнато на УИНТ - вели Наумоска.

Таа објаснува дека заедно со другите стипендисти од нашата земја, Марија Попоска, Јане Ламески, Сара Костовска и Ендрит Рушити, биле прекрасен тим во кој секој го споделувал своето знаење и учел од другите.

- Оваа програма на „Хуавеј“ е одличен пример за корпоративна општествена одговорност и мотивација за другите компании. Секоја можност за надополнување на знаењата е важна за студентите, особено од практичен аспект, така што сите овие програми, стипендии, пракси и соработки со компании го потврдуваат и прошируваат знаењето на кадрите што излегуваат од нашите универзитети – смета таа.

Наумоска објаснува дека добрата основа што ја стекнала на Универзитетот за информатички науки и технологии од Охрид ѝ е од незаменлива важност. Уште од трета година студии таа почнала да работи од Охрид за скопска компанија, каде што е сross-platform mobile developer, односно развива мобилни апликации за двете главни платформи - Android и iOS.


Наумоска беше една од петте македонски стипендисти на програмата на „Хуавеј“

- Еден од најдобрите избори што сум ги направила во однос на изборот на високо образование е одлуката да студирам на Факултетот за компјутерски науки и инженерство во Охрид. Без поддршката на професорите и менаџментот на УИНТ оваа посета во Кина немаше да биде можна. Нема да го заборавам инсистирањето на ректорот проф. д-р Нинослав Марина и на дел од професорите, кои уште од првиот час ни зборуваа за придобивките од новите технологии, кои немаше да бидат возможни без развојот на 4Г и 5Г-мрежни технологии. Задоволна сум од работата и од мојот личен напредок. Вистински предизвик е да се студира и работи истовремено, како и да се учат нови нешта за да бидам во тек со новитетите во информатичките науки и технологии. Моментално мојата цел е да дипломирам и да продолжам со надградување на моите знаења. Магистерските студии се во план за подоцна, откако ќе решам во која област ќе се специјализирам - категорична е Елена.



Апсолвентката е задоволна од својот студентски живот. Вели дека Охрид секогаш нуди нови можности - домашни и гостински претстави во Народниот театар, поетски читања, промоции на книги, изложби на слики и фотографии и многу хуманитарни настани.
- Моето секојдневие е факултетот, работење дома или во еден од неколкуте убави laptop-friendly кафе-барови, прошетка покрај езерото и уживање во зајдисонцето кај Канео.
На матурантите што допрва ќе студираат таа ги советува да веруваат во себе и повеќе да се борат за знаење отколку за оценки.
- Треба секогаш да се трудат да се подобрат себеси, било преку формално, неформално или самостојно образование. И би додала: Најдете го вашето вистинско „јас“, бидете проактивни и креирајте ја својата патека - таа ќе ве донесе на вистинскиот пат исполнет со можностите за кои сонувате!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема