X
 04.07.2022 Живот

Д-р Гојарт Сулејмани објаснува за видовите анемија и третманите

Што е анемија?

Анемијата се дефинира како низок број на црвени крвни зрнца (еритроцити). Во рутински лабораториски тест на крвта анемијата се јавува како ниски вредности на хемоглобинот и/или хематокритот.

Хемоглобинот е главниот протеин во структурата на еритроцитите. Тој го врзува и го транспортира кислородот до сите ткива и органи преку крвотокот.
Кога имаме анемија, нивото на хемоглобин ќе биде ниско, што значи дека ткивата и органите нема да добиваат доволно кислород и ќе се појават симптоми како што се замор, отежнато дишење и др., поради тоа што организмот не го добива тоа за што има потреба за нормална работа. Важни работи за анемија што треба да ги споменеме се:
- Одредени форми на анемија се пренесуваат преку вашите гени, а доенчињата може да ја имаат уште од раѓање.
- Жените се повеќе изложени на анемија поради недостиг на железо поради загуба на крв од менструација и зголемени потреби за време на бременост.
- Постарите лица имаат поголем ризик од анемија поради поголема веројатност да имаат хронични болести како бубрежна инсуфициенција, срцева слабост и др.
Постојат многу видови анемија. Сите имаат различни причинители и различен третман.

Симптоми на анемија

Некои форми се благи, како што е состојба за време на бременост, но некои форми се тешки и сериозни. Во зависност од крвните зрнца и од причината за анемија, симптомите може да вклучуваат:
- Вртоглавица, зашеметеност или чувство на губење на свеста;
- Забрзан и невообичаен ритам на срцето;
- Главоболка;
- Болка во коските, мускулите, градите, стомакот и зглобовите;
- Проблеми со растот и развојот кај децата и тинејџерите;
- Скратен здив;
- Бледа или жолта кожа, ладни раце и нозе;
- Замор и/или слабост.

Видови и причини за анемија


Постојат повеќе од 400 вида анемија кои се поделени во три групи:
• Анемија поради загуба на крв.
• Анемија предизвикана од намалено или неисправно произведување на еритроцити.
• Анемија предизвикана поради зголемено уништување на еритроцитите.

Анемија поради загуба на крв


Загубата на црвените крвни зрнца (еритроцити) преку крвавење може да биде бавна во подолг период, без да се забележи, преку гастроинтестиналниот тракт, како што се чиреви, хемороиди, гастритис и рак, како и користење лекови како што се нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) како аспирин, ибупрофен и други кои може да предизвикуваат улкус и гастрит.
Преку менструациите кај женската популација, особено при обилни менструации кои може да бидат поради фиброид (неканцерогени израстоци во или околу матката), како и посттрауматски или постхируршки крвавења.

Анемија предизвикана од намалено или неисправно производство на еритроцити

Овој тип анемија може да се случи поради недоволно производство на еритроцити поради недостиг на минерали и/или витамини или неисправна форма на еритроцитите, кои може да настанат:
-поради проблем со коскената срцевина и матичните клетки,
-поради недостиг на железо,
-српеста анемија,
-анемија поради дефицит на витамин, особено Б12 и/или фолати.



Проблемите со коскената срцевина и матичните клетки може да бидат фактор за вашето тело да не може да произведува доволно еритроцити. Ако нема доволно матични клетки, ако не функционираат правилно или се заменети со други клетки, како што се клетки на рак, може да настане анемија. Анемијата предизвикана од проблем со коскената срцевина или матичните клетки вклучува:
-апластична анемија - се јавува кога немате доволно матични клетки или воопшто ги нема, а причина може да бидат генетски фактори или лекови, зрачење, хемотерапија, инфекција, малигни заболувања (мултипен миелом или леукемија) или нејасна причина.
-Труење со олово кое е токсично за коскената срцевина.
- Таласемија се јавува како проблем при формирање на хемоглобинот, при што се создаваат мали еритроцити. Оваа состојба може да биде блага до опасна за живот, а најтешката форма се нарекува Кулиева анемија.

Анемија со дефицит на железо

Се јавува поради немање доволно минерално железо во вашето тело, кое ѝ е потребно на коскената срцевина за да создаде хемоглобин, дел од еритроцитите кој го врзува кислородот и го носи до органите и ткивата на цело тело. Анемија со недостиг на железо може да биде предизвикана од:
-Диета без доволно железо, особено кај доенчиња, деца, вегани и вегетаријанци.
-Одредени лекови, храна и пијалаци.
-Дигестивни состојби како што е Кронова болест, отстранет дел од желудник или тенко црево.
-Често дарување крв, тешки тренинзи, бременост и доење, менструации, гастроинтестинален тракт.

Српеста анемија

Крвните зрнца (еритроцитите) се тркалезни, во ова форма на анемија стануваат во облик на полумесечина поради проблем со гените.
Анемија со дефицит на витамин
Може да настане кога не се внесуваат доволно витамин Б12 и фолати, кои се потребни за создавање на еритроцити. Може да биде предизвикана од недостаток на исхрана. Мегалобластна анемија се јавува од недоволно внесување витамин Б12, фолна киселина или двете. Пернициозна анемија настанува кога не се апсорбира доволно витамин Б12.
Други причини за дефицит на витамини вклучуваат лекови, алкохол и цревни болести.
Анемија поврзана со други хронични состојби - ја има претежно кај хронична бубрежна болест, хипотироидизам, старост, рак, инфекции, лупус, дијабетес, ревматиден артритис и др.

Анемија предизвикана од уништување на еритроцитите

Кога крвните зрнца се кревки и не можат да се справат со стресот при патување низ телото, тие може да пукнат предизвикувајќи хемолитичка анемија која може да ја имате од раѓање или може да ја стекнете подоцна. Причините може да бидат нејасни, но може да вклучуваат: имунолошкиот систем како кај лупус, генетски болести како српеста анемија, таласемија и тромботична тромбоцитиопенична пурпура, зголемена слезина, инфекции, лекови, отрови, токсини од напредна болест на црн дроб и бубрези, васкуларни графтови, тумори, изгореници, тешки хипертензии, нарушена коагулација.

Дијагноза на анемија

Лабораториското испитување на крвната слика ќе ги измери еритроцитите, хемоглобинот и другите делови на крвта, анамнеза за семејни болести и комплет медицинска историја се рутински испитувања. Исто така, крвна размаска за да се избројат белите крвни зрнца, обликот на еритроцити и да се бараат необични клетки, број на ретикулоцити за проверка на незрели еритроцити се други испитувања кои може да се направат.

Третман на анемија


Во зависност од типот на анемијата, има и различни лекови и третмани, на пример, при апластична анемија може да се почне со лекови, со трансфузија на крв до трансплант на коскена срцевина, кај акутни или хронични крвавења се преземаат мерки за нивно стопирање и коригирање на анемијата, хемолитичка анемија може да се третира со лекови кои го депримираат имунолошкиот систем, кај анемија поради недостиг на железо потребно е да се земаат додатоци на железо и витамин Це во период од 6 месеци како и промена на исхраната, исто така и при недостиг на минерали и Б12 витамин.

Автор: д-р Гојарт Сулејмани

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот