X
 04.07.2022 Наша тема

Користењето блокатори е незаконско и опасно, а воздушните перници не се вклучуваат ако не е ставен појас, апелираат од РСБСП

Граѓаните можеби можат да ги заобиколат законот и технологијата во возилото, но нема начин да се заобиколат последиците

Секој возач во Македонија кој сака да го „замолчи“ сигналот кој предупредува дека не го ставил сигурносниот појас во своето возило може да го направи тоа за 100 денари во најблискиот супермаркет. Толку приближно чини таканаречениот блокатор на сигналот за појас со кој несовесните возачи мислат дека можат да го заобиколат законот и да возат без сигурносен појас. Но, толку може да чини и човечкиот живот затоа што несовесните возачи, купувајќи го ова парче метал, свесно или несвесно се загрозуваат себеси, сопатниците во возилото и учесниците во сообраќајот при евентуална сообраќајна несреќа.

Блокаторите станаа нормална појава во времето кога се рушеа рекорди со увоз на половни возила од Европската Унија, кои, иако стари, имаат понови технолошки карактеристики со различни сензори за предупредување при опасност во сообраќајот.
Во тоа време се зголеми и потребата на несовесните граѓани да го „замолчат“ сигналот кој предупредува дека треба да се стави појасот откако возилото ќе почне да се движи со брзина поголема од 10 км/ч, а го има речиси во сите автомобили.

Совесните возачи го врзуваат појасот и на тој начин се исклучува сигналот, но упорните ставаат блокатор кој, во зависност од материјалот и бојата, чини од 100 до 300 денари и го има на сите бензински станици во земјава, како и во големите супермаркети.



Користењето појаси е законска обврска и за возачот и за патниците. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува казни и за возачите и за патниците, но нема поголема казна од последиците при сообраќајна незгода во која учесниците не користеле појас.

- Возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицата што се превезуваат со тоа возило се должни да бидат врзани со тие појаси на начин утврден од производителот на возилото, за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат. Обврската не се однесува на:
- доставувач на стока во прометот, во местото на испорачувањето и
- возачи кога со возило се движат со брзина на човечки од, кога се движат наназад и на паркиралишта - вели член 23 од Законот за безбедност на сообраќајот.

Казна во износ од 40 евра ќе добие возачот на моторното возило кој вози без сигурносен појас, а казна од 50 евра ќе плати лицето кое се превезува со возилото, односно е совозач или патник.

- За жал, еден дел несовесни и неодговорни возачи и патници користат таканаречени блокатори на сигнал за сигурносен појас. Самиот чин на неносење појас е незаконски, неморален и опасен - велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.



Оттаму постојано ги потсетуваат учесниците во сообраќајот дека граѓаните можеби можат да ги заобиколат законот и технологијата во возилото, но нема начин да се заобиколат последиците. Исто така, оттаму сметаат дека забраната за продажба на овие блокатори нема да донесе ефект ако возачите не сфатат дека со тоа ја загрозуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Стапката на врзување со појас на предните седишта во земјите на ЕУ е 90%, додека на задните седишта од 60 до 70% и ова за Европската Унија е сериозен проблем. Истражувањата на РСБСП за Македонија покажале дека помалку од 40% од возачите користат сигурносен појас, а уште помалку од патниците што седат на предното десно седиште.

Истражувањата, исто така, покажуваат дека возачите користат помалку сигурносен појас кога патуваат на пократко растојание во населено место во споредба со патувањата на подолга дестинација. А бројот на патници на задното седиште што користат појас е приближно еднаков на нула.

Ова значи дека и родителите не посветуваат внимание на сигурноста на своите деца и ги возат на задните седишта без употреба на сигурносни појаси, иако употребата на детски седишта за деца до пет години бележи пораст.

Членот 164 во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ја регулира обврската за превезување на децата во детско седиште.

- Во патнички автомобил на задното седиште смее да се превезува дете помало од пет години во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас. Во патнички автомобил на предното седиште смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување - стои во Законот.



Дете поголемо од пет години треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето, но во практика не е така секогаш. Една од причините за оваа недисциплина е ниската казна од 35 евра за возачот на возилото.

- Хипотетички, кога би се забранила употребата на блокатори на сигнал за сигурносен појас, неодговорните возачи можат да направат и други „диверзии“ на системот за пасивна безбедност на возилата. Затоа е многу поважно возачите да сфатат дека кај голем дел од современите моторни возила воздушните перници во случај на сообраќајна незгода не се вклучуваат доколку не е ставен појасот – додаваат од РСБСП.

МВР веќе подолго време работи на едукација и информирање со засилени контроли, истовремено санкционирајќи ги возачите, а во соработка со РСБСП работат на заедничка кампања за подигнување на света за поголема употреба на појасите од страна на возачите и патниците.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема