X
 04.08.2018 Наша тема

Виктор Јаневски, најдобар дипломец со просек 10 на ФИНКИ: Привилегија е да се биде опкружен со истражувачи од цел свет

Треба да се заангажираме да се зачлениме во меѓународните научни организации, како што е CERN. Таму има место за научници од најразлични профили, но вратите ни се затворени, бидејќи Македонија е една од ретките држави во Европа која не е членка, нема никаква форма на поврзаност и соработка, ниту пак покажува интерес

Амбициозен, елокветен, сигурен во себе и подготвен да се соочува со нови предизвици, ова е впечатокот што ќе го добиете кога разговарате со Виктор Јаневски, најдобриот дипломиран студент на ФИНКИ за 2016/2017 година. Вели признанието што го добил од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ му е „совршено заокружување на огромниот труд, упорност и работа што ги вложил“. Виктор сега живее во Швајцарија каде што студира на Техничкиот факултет во Лозана, еден од петте најдобри факултети во Европа. Вели дека морал да се откажува од многу работи во интерес на студирањето, да издржи интензивни периоди, да надминува кризи.

Виктор Јаневски

- Многу е тешко да се најде мотивација кога сте комплетно внесени во процесот, бидејќи не секогаш ја гледате големата слика, ниту пак веднаш добивате позитивни резултати кои можат да дадат поттик. Студирањето е една огромна инвестиција на долгорочен план.

Каков студент бевте? Дали оценките Ви значеа дури студиравте или си дојдоа сами по себе?

- Oценките сами по себе не можат да бидат основната мотивација, затоа што тие природно следуваат како резултат на квалитетот на образованието и на евалуацијата на знаењето. Ако се постават како главен императив, тогаш можат да доведат до заткулисни игри и манипулација со цел да се постигне што е можно повисок просек, кој во најголем дел е неоснован и дава само лажна самодоверба. Меѓутоа, не можам да негирам дека секоја десетка беше радост и задоволство, фино заокружување на повеќемесечната работа во рамките на предметот, објективно признание и потврда за интимното чувство на квалитет. Се разбира, добрите оценки постојано ми даваа поттик и ме мотивираа да одам чекор понатаму, да се вложувам уште повеќе, да ги истражувам и туркам сопствените граници, а со тоа и да се откривам себеси и да учам за сопствената нарав.

Јас сум исклучително фокусиран, истраен, трудољубив и вреден - човек кој вложува значителна енергија во планирање и останува доследен на своите идеи, желби и планови. Колку и да звучи контрадикторно, се плашам од новини и промени, меѓутоа постојано се втурнувам во ситуации за кои немам претходно искуство и кои бараат голем степен на приспособување. Но, токму тоа ме прави добар студент, бидејќи никогаш не го потценувам проблемот, сериозно ги сфаќам работите и навремено пристапувам кон изнаоѓање на решението. И не престанувам да учам, од сè и од секого.

Сакам да комуницирам со своите колеги, уживам кога сум дел од тим во кој владее добра атмосфера, разбирање, заемно прифаќање и размена на идеи. Сакам кога постои одредена наивност и простодушност и се воодушевувам од луѓе, кои иако сум свесен дека се исклучително квалитетни и способни, сепак слушаат и прифаќаат размислувања од помалку искусните. Верувајте, многу е тешко да се најдат луѓе со коишто е задоволство да се работи, бидејќи неретко постои љубомора и непродуктивна конкуренција во рамките на тимовите.

Како Лозана стана Вашиот избор?

- По завршувањето на студиите една година работев во ИТ-компанија во која сакав да стекнам практично искуство во индустријата. Искрено, тешко ми беше да ја напуштам компанијата каде што работев со луѓе кои што многу ги сакам и со кои што сè уште сме во контакт, да ги оставам зад себе семејството и пријателите, но решив дека е време за нови предизвици, а испишувањето нови страници во животот никогаш не е лесно.

Престиж е да се студира на интернационален и високорангиран универзитет, меѓу петте најдобри во Европа, а секогаш многу квалитетен и во светски размери. Некако мојот досегашен професионален живот беше поврзан со Швајцарија. Првата меѓународна пракса ја имав токму на EPFL – Summer@EPFL, во лабораторијата за криптографски алгоритми на проф. Арјен Ленстра, кој е прилично познат научник и истражувач во областа. Не можев да бидам посреќен кога ја добив информацијата дека сум единствениот практикант којшто го ангажира тоа лето. И така почнаа да се создаваат контактите, мрежите на познаници и позитивните впечатоци, што доведоа до тоа во 2016 година да бидам примен на пракса во тимот за компјутерска безбедност во CERN, во рамките на Openlab програмата која зближи група од 40-тина прекрасни, способни и мотивирани млади луѓе.

И некако природно се создаде склоноста кон Швајцарија и кон EPFL. Проф. Ленстра ми понуди позиција во неговата лабораторија како студент-истражувач, доколку сум заинтересиран да продолжам на магистерски студии. Ја прифатив понудата што не се појавува секој ден. А тоа што во Лозана можам да зборувам француски само ја запечати одлуката.
Привилегија е да се познаваат луѓе од сите страни на светот, да се биде опкружен со докажани професионалци и истражувачи и да се биде во секојдневна комуникација со индивидуалци кои се меѓу најдобрите во своите земји. Секој од нас различен, со специфичен невронски склоп, со сопствен поглед на светот и со уникатен начин на поврзување на работите, создаваме идеи со кои ја градиме иднината.


Преземам целосна одговорност за моите потези

Би промениле ли нешто во Вашето студирање или што сакате да беше поинакво на Вашиот факултет?

- Рефлексијата е одлика на секој интелигентен човек. Иако понекогаш можеби претерувам со анализирањето на ситуациите, особено на оние кои изминале и не можат да се сменат, сметам дека е важно одвреме-навреме да се прави ретроспектива на настаните за да се извлечат искуствата. Меѓутоа, во мојот случај, секогаш се работи само за анализа или можеби слабо чувство на жалење за некој пропуштен момент кој од дадената временска дистанца изгледа совршен, но никогаш не сум имал чувство на каење. Сметам дека секогаш треба да стојам цврсто зад своите одлуки и да преземам полна одговорност за своите потези. Никогаш не е доцна нешто да се поправи или дополни, дури и кога станува збор за одлуки кои на некој начин го дефинираат остатокот од животот.

Она што сметам дека не беше доволно добро обработено на додипломските студии го дополнувам сега на последипломските. Она што нема да биде доволно добро сега, ќе го надоместам понатаму. Најважно е да се има храброст, да се фаќаме во костец со предизвиците, да се искористуваат шансите кои се на располагање, затоа што секој чекор во животот води кон нешто што влијае на нашата иднина и што нè дефинира како личности. И сè се случува со причина, а неретко во животот ја имаме и таа привилегија да го воочиме тој интересен след на околности.
Морам да кажам дека ФИНКИ како факултет поседува голем потенцијал и изгледа многу примамливо. Студентите во завршните години вообичаено ги исполнуваат очекувањата кои индустријата ги има од почетниците. Според она што го гледам, добивам впечаток дека се вложува труд и енергија во создавањето на програмите кои вклучуваат многу интересни, актуелни и популарни теми, но и осовременувањето на наставниот план согласно трендовите во оваа брзорастечка и постојано променлива индустрија. На хартија сè изгледа речиси совршено, меѓутоа, кога ќе станете дел од процесите воочувате дека реализацијата не е на истото високо ниво. Постојат одредени организациски проблеми кои и после неколкуте години постоење сè уште останува да се „испеглаат”.

 
Дополнително, ми пречеше дефокусираноста и недоволната посветеност на одредени професори и асистенти што најверојатно се должи на нивната ангажираност на многу предмети, потешкотиите со кои се соочуваат во финансирањето на нивните проекти и истражувањето, можеби слабата финансиска мотивираност, па оттаму и големото внимание кое го посветуваа работејќи во приватни компании. Сето тоа неспорно влијае врз расположението на студентите, квалитетот и начинот на којшто се презентираат содржините, но и на достапноста на кадарот за комуникација и консултации.

Она што исто така не ми се допаѓа, а не е директна критика за факултетот, е што има огромни квоти и што се запишуваат премногу студенти. Не можам да се сложам со политиката дека квантитетот ќе создаде квалитет, бидејќи на тој начин се деградираат условите за студирање. Тоа создава технички и организациски проблеми кои на крајот го рушат квалитетот, доведуваат и до спуштање на критериумите и намалување на барањата.
Очекувам дека Македонија ќе се заангажира да бидеме вклучени како членка во меѓународните научни организации. Постојат многу повеќе сфери во кои може да напредуваме, иако се чини дека целокупниот фокус е само на политичко-економските и воените сојузи. Еден пример за тоа е CERN, Европскиот институт за нуклеарна физика во кој има место за научници од најразлични профили, но вратите се затворени за македонските државјани, бидејќи Македонија е една од ретките држави во Европа која не е членка, нема никаква форма на поврзаност и соработка, ниту пак покажува активен интерес.

Бидете искрени кон себе кога избирате факултет

Што би им препорачале на матурантите кои сакаат да се запишат на ФИНКИ?

- Сите матуранти треба да одвојат малку време за себе и добро да размислат што сакаат. Треба јасно да имаат предвид дека го живеат својот живот кој не смее да биде определен од нивните родители, семејства, друштва, партнери или кои било други општествени групи. Да ги слушаат нивните мислења, меѓутоа да ги сметаат како совет, а не строга апсолутна насока која мора да се почитува. Сите сме препуштени сами на себе во животот и треба да живееме со одлуките кои што сме ги направиле.
Пред да аплицираат на ФИНКИ препорачувам да бидат реални и искрени спрема себе и сопствените способности. Знам дека информатиката е многу популарна, барана, перспективна и нуди брзо вработување, релативно солидни плати, особено за македонскиот стандард, знаењата и дипломите се преносливи и во други земји, но реалноста го наметнува фактот дека не може сите да сме создадени за информатика, не може сите да се запишат и да завршат на ФИНКИ, не може сите да имаат подеднакво силна склоност и жар кон таа област. Тоа што сме секојдневно опкружени со технологија не нè прави автоматски подобни за оваа професија. Компјутерските науки бараат доза на креативност, способност за разбирање апстрактни идеи, аналитички пристап и начин на размислување и навлегуваат во многу технички детали како нештата се направени и како функционираат.
Ако и покрај ова што го кажав се убедени дека го прават вистинскиот избор со запишувањето на ФИНКИ, тогаш верувам дека ја носат правилната одлука и им ја посакувам сета среќа на овој свет. Верувам дека со доволно упорност и истрајност ќе успеат да си го пронајдат својот пат.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема