X
 04.08.2022 Наша тема

Во Македонија се вози пребрзо и покрај радарските контроли на секој агол – возат и со 70 км/ч над дозволеното, а најголема регистрирана брзина е 320 км/ч

„Казнети 900 возачи за еден викенд“, „Санкционирани 250 возачи во еден ден“, „Над дозволеното возеле 400 возачи“. Ова се дел од насловите што секојдневно осамнуваат во медиумите откако Министерството за внатрешни работи ќе ги објави билтените за денот или викендот што изминал.

Бројките секојдневно се зголемуваат и покрај строгите радарски контроли на МВР, а голема среќа во несреќа е што најголем дел од овие случаи завршиле само со парична казна, без човечки несреќи, иако некои возачи биле регистрирани дека возат со брзина над 70 километри на час од дозволеното.

Оние што се „побавни“ добиваат казни од 45 до 400 евра, а оние возачи што беснеат по магистралните патишта најчесто се соочуваат со времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година.



Според бројот на регистрирани возачи од полицискиот радар, ниту строгите контроли и казни не влијаат премногу врз несовесните возачи.

- Во 2021 година на територијата на државата за прекршокот „управување на возило со брзина поголема од пропишаната“ санкционирани беа 104.703 возачи, а во периодот од 1 јануари 2022 до 31 мај 2022 година за истиот прекршок се санкционирани 35.982 возачи.
Покрај ова, во периодот од 1 јануари 2021 до 31 декември 2021 година издадени се 240.871 прекршочен платен налог по Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за возила, а во периодот од 1 јануари 2022 до 31 мај 2022 година издадени се 102.320 прекршочни платни налози по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила - информираа од МВР за Факултети.мк

Од Министерството откриваат дека некои возачи што имаат спортски автомобили не можат да се воздржат од екстремно брзо возење, а чести и се и нелегалните трки на најфреквентните патни правци.
Министерството за внатрешни работи откри дека најголемата брзина регистрирана со новите уреди за мерење е на обиколницата во Скопје.

- Најголема брзина измерена со уреди за мерење на брзината е констатирана на автопат А2 - Обиколница Скопје, 320 километри на час. Но, не може да се утврди временски интервал кога најчесто во текот на 24 часа се вози побрзо од дозволеното од причина што овој прекршок се манифестира во текот на 24 часа, на сите патишта - велат од МВР.



Освен возачите на моќни и брзи автомобили, полицијата регистрира и казнува и возачи на минибуси и комбиња кои превезуваат патници во јавниот превоз. На почетокот на 2022 година на автопатот Скопје-Тетово-Гостивар и магистралата Гостивар - Кичево полицијата казнила 15 возила од ваков вид, а едно од нив се движело со 70 км/ч над дозволеното.
При радарските контроли често се случува оние возачи што возат брзо да не можат да сопрат и ја избегнуваат полициската патрола, намерно или ненамерно, па прават неколку прекршоци во низа.

Во тој случај полициските службеници веднаш ги известуваат сите единици на МВР по сектори за што побргу да се најде учесникот во сообраќајот кој не запрел на даден знак на полицијата.

- На учесникот кој не запрел на даден знак на полициски службеник, откако ќе биде пронајден, ќе му се изрече предвидената глоба за сторениот прекршок, како и глоба за постапување спротивно на знаците што ги дават униформираните полициски службеници согласно член 221 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Глобата изнесува 250 евра. За време на контролата доколку се утврди, покрај прекршокот за кој е сопрен учесникот, дека има консумирано и алкохол, односно ако е утврден и друг прекршок, учесникот се санкционира и за другите констатирани прекршоци - објаснија од МВР.



Уште еден проблем на Министерството за внатрешни работи, како и на граѓаните што ги почитуваат сите сообраќајни правила при движење на автопатот, се уличните трки. Иако се поретка појава во последните неколку години, сепак, нивното одржување го загрозува животот на другите учесници во сообраќајот.

- Улични трки најчесто се забележани на автопат А2 -Обиколница Скопје, на некои сообраќајници во градот Скопје, како и по сообраќајниците од другите градови на територијата на државата - соопштија од Министерството, кое реализира континуирани акциски контроли за сузбивање на оваа појава.

Фото: МВР
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема