X
 04.10.2019 Наука

Најстарите галаксии во вселената го формираат „кралскиот двор“ на јапонска владетелка

Меѓународен тим на астрономи што ги користи големите телескопи на Хаваите - „Субару“, „Кек“ и „Џемини“ - открил група од дванаесет галаксии во соѕвездието Кит, кое постои од пред 13 милијарди години.

Тоа откритие значи дека веќе имало големи структури како тие галактички протокластери (јата) само 800 милиони години по Големата експлозија, кога вселената била едвај на 6 отсто од сегашната возраст.

Станува збор за најраното познато протојато од галаксии во моментов. Протојатата се претходниците на денешните галаксички купови, кои можат да се состојат од илјадници галаксии, сврзани гравитационо.

Еден од дванаесетте системи е огромниот облак од гас Лиман-Алфа Химико, откриен пред десет години, именуван по легендарна јапонска владетелка. Затоа протојатото се нарекува „Дворот на кралицата“, со каталошко име „z66OD“.

galaksii
Тродимензионална карта на галаксиите, истражувани со трите телескопи. Црвената стрелка покажува на откриеното протојато/Фото: NAOJ/Harkane et al.

Чудното е што Химико како најголем од дванаесетте системи не е во средината на јатото, туку на крајот. Друго изненадување е што тимот открил многу активно образување на ѕвезди во протојатото  „z66OD“.

- Вкупното количество на ѕвезди што се образуваат во галаксиите во z66OD е петпати поголемо отколку во други галаксии со слична маса во истата епоха на вселената. Галаксиите во „z66OD“ образуваат ѕвезди многу ефективно, веројатно затоа што големата маса на системот му помага да собере големи количества на гас, материјал за ѕвезди - објаснува Дарко Доневски, член на екипата во Институтот СИСА, Трст, Италија.

1
Фото: NAOJ/Harkane et al.

Еволуцијата на галаксиите е една од најдинамичните научни области денес. Во почетокот на 20 век астрономите го сметале Млечниот Пат за единствена галаксија во целата вселена. Почетокот на 21 век донесе неверојатен напредок во градењето земни и вселенски телескопи и даде можност да се откријат повеќе од 120 милиони галаксии. Бидејќи животниот век на една галаксија е многу подолг од постоењето на целото човештво, астрофизичарите разработиле специјални методи преку кои се обидуваат да реконструираат како и каде се формираат галаксиите во вселената, како се развиваат и каква им е врската со загадочната темна материја.

Во сегашната вселена галактичките јата можат да имаат илјадници членови, но како тие јата се формираат, сѐ уште е нејасно прашање во астрономијата.

Претходниот рекордер беше протојатото „СДФ“, откриено од телескопот „Субару“, близу до соѕвездието Косите на Береника.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука