X
 04.10.2019 Живот

Заштита од дискриминација преку стратешко застапување


Проектот „Заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ го спроведува невладината организација Институт за човекови права (ИЧП), а е финансиски поддржан од Германската амбасада во Скопје. Во својата програма има активности за покревање на свеста за дискриминацијата на луѓето од ЛГБТКИ заедницата како и активности кои ќе ја зголемат и зајакнат позитивната судска праска во државата. Па така, проектот вклучува програма за застапување преку која се обезбедени средства за застапување на судски случај за заштита од дискриминација. Имено, секој кој мисли дека бил жртва на дискриминација врз една или двете од основите кои се фокус на проектот, може да се обрати до Институтот на телефонскиот број 02 324 3331 или на електронската адреса neda.petkovska@ihr.org.mk. По првата комуникација и описот на проблемот, тимот на Институтот на објективен, професионален и дискретен начин ќе одлучи дали конкретниот случај има основа да биде судски застапуван и ќе одговори на барањето на личноста која го пријавила. Доколку случајот може да биде застапуван, ИЧП преку финансиската поддршка обезбедена за проектот, целосно ќе ги покрие трошоците за адвокат, судските трошоци, па дури и материјалните трошоци во случај на загуба на тужителот.

Зошто е важна програмата за застапување?  
 Програмата за застапување освен што директно може да помогне на жртва која била дискриминирана поради својата сексуална ориентација и/или родов идентитет, таа е битна за целата заедница на ЛГБТКИ. Имено, во државата нема ниту една постапка пред судовите, а со тоа и пресуда, за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Овие две основи, иако не се нови, експлицитно се наведени во Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2019г. Сепак, досега законот не е ставен во употреба кога се работи за заштита на правата на оваа група маргинализирани луѓе. Тоа е најчесто поради страв од пријавување и недоверба во нашите институции да ги заштитат човековите права. Со зголемувањето на судската праска во државата ќе се овозможи поголема видливост на проблемот како и посериозно разбирање од страна на институциите за дискриминацијата која овие луѓе секојдневно ја доживуваат. На тој начин ќе се намали стигмата која е присутна во општеството за оние кои не се придржуваат до патријархалните норми и ќе се охрабрат луѓето кои претрпеле дискриминација да ги пријавуваат сторителите. Ова ќе има позитивен ефект врз целото општество така што ќе придонесе кон зголемена толеранција, солидарност и соживот, без разлика на личниот идентитет и животен стил.

Комерцијален текст

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот