X
 04.10.2020 Здравје

Ковид-19 ќе стане сезонска болест, но пред тоа мора да биде исполнет еден важен услов

Благодарение на кашлиците, растечените носеви и настинките со кои се соочуваме во текот на постудените месеци од годината, добро ни се познати сезонските модели на некои респираторни вируси. Во новото истражување објавено во „Граници во јавното здравство“ се вели дека Ковид-19, болеста што ја предизвикува вирусот САРС-КоВ-2, најверојатно ќе стане сезонска болест во земјите со умерена клима, но само кога ќе се постигне колективен имунитет.

Дотогаш Ковид-19 ќе продолжи да циркулира во различните годишни времиња. Овие заклучоци ја истакнуваат апсолутната важност на мерките за јавно здравје за контрола на вирусот.

- Ковид-19 е тука и ќе продолжи да предизвикува пандемија во текот на целата година, сѐ додека луѓето не стекнат колективен имунитет. Затоа јавноста ќе мора да научи да живее со вирусот и да продолжи да ги практикува најдобрите мерки за превенција, вклучувајќи носење маски, физичко дистанцирање, хигиена на рацете и избегнување собири - вели д-р Хасан Заракет од американскиот Универзитетот „Бејрут“ во Либан и еден од авторите на наведеното истражување.

Неговиот соработник, д-р Хади Јасин од Универзитетот во Доха, Катар, потврдува и наведува дека може да има повеќе бранови на Ковид-19 пред да се постигне колективен имунитет.

Знаеме дека многу респираторни вируси следат сезонски модели, особено во умерените региони. На пример, се знае дека грипот и неколку видови коронавируси што предизвикуваат настинка го достигнуваат врвот во зима во умерените региони, но циркулираат во текот на целата година во тропските региони. Авторите ги разгледале овие сезонски вируси испитувајќи ги виралноста и факторите на нивните домаќини што ја контролираат нивната сезонска активност, како и најновите сознанија за стабилноста и преносот на САРС-КоВ-2.

kolektiven imunitet
Фото: Freepik

Истражувачите објаснуваат дека преживувањето на вирусот во воздухот и на површините, подложноста на луѓето кон инфекции и човечкото однесување, како што се собирите во затворени простории, се разликуваат низ годишните времиња како резултат на промените во температурата и влажноста. Овие фактори влијаат врз пренесувањето на респираторните вируси во различни периоди од годината.

Сепак, во споредба со другите респираторни вируси, Ковид-19 има поголема стапка на пренесување (R0). Ова значи дека за разлика од грипот и другите респираторни вируси, факторите што ја регулираат сезоната на вирусите сè уште не може да го запрат ширењето на Ковид-19 во летните месеци. Но, штом се постигне колективен имунитет преку природни инфекции и вакцинации, R0 треба значително да падне, што го прави вирусот поподложен на сезонски фактори.

Ова било забележано и кај други коронавируси, вклучувајќи ги и оние што се појавија неодамна, како НЛ63 и ХКУ1, кои ја следат истата циркулирачка шема како и грипот.

- Ова останува нов вирус, па и покрај брзите откритија на науката, постојат непознати работи. Дали нашите предвидувања се точни или не, останува да видиме во иднина. Но, сметаме дека е многу веројатно, со оглед на она што досега го знаеме, дека Ковид-19 на крајот ќе стане сезонски, како и другите коронавируси - додава Заракет.

Д-р Јасин наведува дека највисоката глобална стапка на инфекција со Ковид-19 по глава на жител е забележана во земјите од Заливот, без оглед на летната сезона. Иако ова главно се припишува на брзото ширење на вирусот во затворените заедници, ја потврдува и потребата од строги контролни мерки за ограничување на ширењето на вирусот, сè додека не се постигне колективен имунитет.

Извор: Medicalexpress.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје