X
 04.12.2018 Култура

Мадрид во борба против загадувањето - забрани стари автомобили за да ги намали емисиите на CO2

Шпанските власти воведоа нови ограничувања во возењето во центарот на главниот град Мадрид за да го намалат загадувањето на воздухот за 40 отсто.

Тешките мерки значат дека возачите ќе мора да ги тестираат емисиите на штетни гасови на нивните возила, при што најстарите возила и возилата што најмногу загадуваат ќе бидат забранети да возат во центарот на градот. Возачите што ќе влезат во контролираната зона и ќе ги прекршат правилата, ќе мора да платат казна од 90 евра.

Освен загадувањето, со овој потег ќе се помогне во намалувањето на бучавата и ќе се поттикне велосипедизмот во градот.

Мадридскиот градски совет проценува дека проектот ќе влијае на околу 20 отсто од автомобилите што влегуваат во центарот на градот.

Новите правила наметнати во центарот на Мадрид се дел од планот на шпанските власти за создавање почиста животна средина преку поставување приоритет на велосипедистите, пешаците и користењето на јавниот транспорт. Ограничувањата за оние што влегуваат во зоната се разликуваат во зависност од типот на возило и неговата „етикета“, што ќе се издава по тестирањето на емисиите.

На пример, хибридните автомобили со „екоетикета“ имаат дозвола да возат слободно во центарот и да ги користат јавните или назначените паркинзи без временски ограничувања.

Дизел-возилата произведени пред 2006 година и возилата на бензин пред 2000 година нема да добијат етикета и ќе можат да влезат во зоната ако однапред се регистрирани и имаат пристап до приватен паркинг. Од 2020 година овие возила нема да имаат дозвола да влезат во оваа зона.

Во меѓувреме, жителите што живеат во контролирана зона можат слободно да возат во кое било време откако ќе се регистрираат, но можат само да паркираат на сопствената улица.

Загриженоста за влијанието на загадувачките материи од издувните гасови од постарите возила и дизел-мотори се зголеми во последниве години. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека милион смртни случаи низ светот секоја година се поврзани со изложеноста на загадувањето на воздухот.

1
Фото: Getty Images


Дизел-моторите придонесуваат за проблемот на два начина - преку производство на ПМ-честички и азотен оксид.

Во 2016 година градоначалникот на Мадрид, Мануела Кармена, изјави дека проблемот мора да се реши итно за да се подобри здравјето на жителите.

Кои други европски градови се справуваат со загадувањето?


Мадрид не е единствениот главен град што се фокусира на подобрување на квалитетот на воздухот. Париз, Мексико и Атина ветија дека ќе ги забранат дизел-возилата од градските центри до 2025 година.

Мерките спроведени од другите градови вклучуваат:

Париз


- Забрана за автомобили пред 1997 година да влезат во центарот на градот во текот на работните денови помеѓу 8 и 20:00 часот.

- Дополнителна забрана за сите дизел-возила регистрирани пред 2001 година.

- Стратегија за укинување на постарите возила и отстранување на сите дизел-возила од центарот, истовремено нудејќи субвенции за други форми на транспорт.

- План за поставување пешачки патеки во центарот на градот.

Стокхолм


- Воведување наплата за возилата што ќе влегуваат во центарот на градот.

- Поставување автобуски сервис за охрабрување на возачите да ги остават возилата.

- Усвојување на иницијатива за стратегија за урбана мобилност, инвестирање во автобуси за јавен превоз, трамвај и подземна железница.

Лондон

- Воведување наплата за возилата што влегуваат во центарот на градот.

- Воспоставување 24-часовна зона со ниски емисии.

- Воведување зона со ултра-ниска емисија, што промовира построги стандарди за емисија на издувни гасови во центарот на градот од април 2019 година.

- Поставување „Автопати за велосипеди“ за побезбедно возење велосипеди низ градот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура