X
 05.02.2023 Здравје

Постои врска помеѓу образованието и менталното здравје, покажува истражување

Необразованоста е голем глобален проблем и денес, а неписмените луѓе се соочуваат со сериозни проблеми со менталното здравје, открива ново истражување од Универзитетот на Источна Англија.

Истражувањето ја анализира поврзаноста помеѓу писменоста и менталното здравје кај луѓето. Според наодите, 14 отсто од светското население е неписмено или има минимално образование. Откриено е дека поголема е веројатноста дека овие луѓе се соочуваат со проблеми со менталното здравје, како што се осаменоста, депресијата и анксиозноста. Во истражувањето се покажува и дека неписменоста е поприсутна кај жените, односно две третини од неписмените во светот се жени.

- И покрај растечката стапка на писменост во последните 50 години, се проценува дека сѐ уште постојат околу 773 милиони возрасни луѓе во светот кои не знаат да читаат, ниту да пишуваат. Стапките на писменост се пониски во земјите во развој и во оние каде што често се јавувале конфликти низ историјата - објаснила Бони Тиге, истражувач на универзитетот.

Како што вели таа, познато е дека луѓето со подобро образование обично полесно добиваат работа, подобро се платени и може да си обезбедат подобра храна и услови за живот. Неписменоста доведува до сиромаштија, а со тоа и полошо здравје, хронични болести и пократок животен век.

Истражувањето покажува и дека има значајна поврзаност помеѓу писменоста и менталното здравје во повеќе земји. Необразованите луѓе имаат поголеми проблеми со менталното здравје, како што се анксиозност и депресија, посочуваат истражувачите.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје