X
 05.04.2018 Наша тема

Законите ги кочат студентите да заработуваат на факултетот додека студираат

Со Законот за трансформација на работен однос, спречени сме да им исплаќаме хонорари на лица што не се вработени на факултетот. Каква било финансиска поддршка на лица што не се вработени на факултетот подлежи дури и на двојно оданочување, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје

Студенти на Филозофски факултет

Законската регулатива е голем проблем за да може студентите повеќе да се ангажираат во комерцијални проекти. Факултетите се спречени да им исплаќаат хонорари на лица што не се вработени во институцијата, па каква било финансиска поддршка на лица што не се вработени на факултетот подлежи дури и на двојно оданочување. За жал, тоа ги погодува токму студентите, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Какви можности за работа додека студираат имаат студентите на Филозофскиот факултет, кои професии се најбарани, за кои има најмал интерес, колку факултетот може да им излезе во пресрет? Според Дуев, во оваа учебна година 20 студенти биле вклучени во проектот за социјално претприемаштво, а ангажманот им бил платен. Вкупно 42 студента биле вклучени во капиталните археолошки проекти Бела Земја, Бонче, Кралство Македонија. Мачевски Чуки, Младо Нагоричане и изработката на Археолошкиот катастар.

- Тие стекнаа практични знаења и беа платени за своите ангажмани. За поголемо ангажирање на студентите во комерцијални проекти, голем проблем е законската регулатива. Со Законот за трансформација на работен однос спречени сме да им исплаќаме хонорари на лица што не се вработени на факултетот. Уште како продекан за финансии многупати апелирав дека овој закон му штети на високото образование и го оневозможува трансферот на наставници и студенти. Каква било финансиска поддршка на лица што не се вработени на факултетот подлежи дури и на двојно оданочување. За жал, тоа ги погодува токму студентите – објаснува Дуев.


Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет


Факултетот ги стимулира студентите да се здружуваат во разни асоцијации како правни лица и ги помага нивните активности кога учествуваат во разни проекти, преку финансиска поддршка за патувања, користење простории, членарини во светски асоцијации, ги стимулира да аплицираат за проекти, а од добиените средства си го олеснуваат студирањето.

- Оваа мерка досега има најпозитивен ефект бидејќи нивните барања се зголемуваат – објаснува Дуев.

Според него, кога се договараат заеднички проекти со други институции, здруженија на граѓани, фондации и слично, еден од главните услови е задолжително вклучување на студенти од Филозофскиот факултет. Дел од предвидениот буџет мора да биде определен за исплата на ангажираните студенти.
- Интересно е што многу големи компании се заинтересирани да ангажираат студенти за одредени активности. Можеби износот што го плаќаат не е голем, но студентите стекнуваат практични знаења и можат да покријат одредени потреби – објаснува Дуев.

Тој додава дека факултетот има склучени договори и меморандуми за соработка со многу училишта и институции, каде што првенствено се дефинира праксата. Во последните месеци склучиле договори и со „Македонски телеком“, „Нептун“, „Просветно дело“ и со многу здруженија на граѓани кои сами бараат соработка и студенти за пракса.

- Со развојот на свеста на компаниите, особено на приватниот сектор, овој тренд ќе се зголемува. Компаниите разбираат дека не само што добиваат помош туку добиваат и можност да селектираат кадри за развој на сопствените потенцијали и човечки ресурси – вели Дуев.

Дуев: На студентите не им е лесно, но има и такви што сакаат само потпис


Тој не може да издвои за кои профили од сите 19 студиски програми на Филозофскиот факултет компаниите имаат најголем интерес, кои студенти најлесно ја спроведуваат праксата, а кои се соочуваат со најголеми тешкотии.

- Установената пракса, која е дел од студиската програма, се спроведува беспрекорно. Студентите секако имаат проблем. Но, има и студенти што не сакаат да одат на пракса и им значи само потписот. Преземаме низа мерки да им понудиме на нашите студенти поголем избор за практична работа од која навистина ќе имаат полза – вели тој.

Факултети.мк пред нецела година спроведе анкета околу студентската пракса. Најмногу студенти одговорија дека добиваат само потписи и не мора да одат на пракса, некои дури ни пишаа дека варат кафе додека се на пракса. Дуев вели дека и нивната анализа е слична бидејќи студентите постојано се жалат на одредени ситуации.

- Во голем дел од установите студентите навистина добиваат пракса, но во дел се повторуваат работите што и вие сте ги констатирале. Проблемите на студентите се од различна природа - од немање услови за обучување или мал број вработени со многу работни обврски до преоптовареност на професорите-ментори со работни обврски за ја следат нивната работа итн. Но, како што расте интересот на институциите и на компаниите за полезноста од овој процес, ситуацијата се подобрува. Покрај праксата, студентите добиваат теми за дипломска или магистерски трудови врзани за потребите на установите или фирмите, од чии истражувања полза имаат и оние што даваат пракса - вели Дуев.

Студентската опсерваторија чека да биде донесен законот за високо образование


Пред почетокот на учебната година тој најави дека при Центарот за кариера на Филозофскиот факултет во Скопје оваа учебна година требаше да почне со работа студентската опсерваторија.

- Во новиот закон за високо образование (член 86), кој е во собраниска процедура, се предвидува универзитетски центар за кариера. Проектот за студентската опсерваторија е подготвен, но сепак го чекаме донесувањето на новиот закон за да продолжиме со работа на проектот што предвидов да започне од наредната учебна година, а во кој се опфатени дипломираните студенти во учебната 2017/2018 год. Доколку остане предложениот член, тогаш проектот ќе премине на универзитетот – вели тој.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема