X
 05.04.2019 Образование

Вторпат ,,Студентска музичка пролет“ на Американ колеџ во Скопје

На 3 април почна второто издание на манифестацијата „Студентска музичка пролет 2019“ со предавање и рецитал на првенката на македонската опера - Весна Ѓиноска-Илкова. Настанот се одржа во МОБ, а педесетина студенти од Универзитетот Американ колеџ-Скопје имаа можност одблиску да се запознаат со активностите на МОБ, начинот на подготовка на оперските и балетски претстави, како и да дискутираат на тема „Жените и класичната музика“ на организираната студентска дебата.



На вториот ден од манифестацијата, на Универзитетот Американ колеџ-Скопје свое предавање под наслов „Марсел Пруст и сексуалните музички тела“ одржа Аксел Енглунд, професор од Универзитетот во Стокхолм, Шведска, кој предава на Катедрата за култура и естетика. Аксел Енглунд се занимава со интердисциплинарни истражувања во областа на книжевноста и музиката. Покрај ова, тој е и активен композитор и преведувач од англиски и француски јазик на шведски. Манифестацијата трае до 12 април, а во програмата, покрај предавањата на афирмирани професори, композитори и музичари како м-р Горан Муратовски, д-р Дарија Андовска, д-р Владимир Мартиновски, д-р Мира Беќар и д-р Гоце Наумов, ќе се одржи и студентска трибина, каде што студентите ќе имаат можност да ги покажат своите таленти. Настанот е отворен за студенти од сите универзитети.



„Студентска музичка пролет“ е проект чија цел е да го промовира интердисциплинарниот пристап во уметноста и академските истражувања и да го доближи до студентите. Во фокусот на проектот е музичката уметност и нејзините врски со другите дисциплини и општеството. Проектот го водат Ивана Трајаноска, професор на Универзитетот Американ колеџ - Скопје, и Мира Беќар, професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. „Студентска музичка пролет“ се стреми да го збогати културниот живот на студентите и да придонесе за нивен критички светоглед во однос на културата, уметноста и општеството преку концерти, рецитали, гостински предавања, студентски дебати и трибини.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование