X
 05.04.2020 Технологија

Тајните трошоци за одржување на податочните центри на „Гугл“

„Гугл“ со години тврди дека податочните центри што ги гради низ САД се енергетски ефикасни и не се штетни за околината. Но, има трошок поврзан со овие центри кој компанијата сака да го скрие.

Овие центри користат милијарди литри вода, иако понекогаш се сместени во суви региони каде што водата е вреден ресурс. За потребите на центар кој треба да се гради во Меса, Аризона, за компанијата ќе се издвојуваат над 3 милиони литри вода дневно за ладење.


Фото: Pixabay

Ваквите податочни центри се градат и ќе продолжат да се градат насекаде низ земјата. Потрошувачката на вода од страна на „Гугл“ е тајна и се вели дека компанијата им забранува на властите да известуваат за количеството вода што го троши. Но, информациите протекле. Само во 2019 години „Гугл“ барал или добил одобрување за користење речиси 9 милијарди литри вода за податочни центри во три сојузни држави.

Во моментов компанијата има 21 центар во САД. „Гугл“ потрошила 13 милијарди долари за канцеларии и податочни центри во 2019, а планира да потроши уште 10 милијарди долари оваа година.

„Гугл“ честопати ги сместува овие центри во близина на населени градови, а понекогаш тоа значи и изградба во топли и суви региони. Процесорите во центрите брзо се загреваат и потребна е вода за да се изладат.


Фото: Pixabay

Според плановите на компанијата, предвидена е изградба на центар во градот Ред Оук во Тексас, за кој „Гугл“ би трошел над 5 милијарди литри вода годишно. За споредба, регионот во кој е градот Ред Оук, кој вклучува уште 20 други града, троши околу 57 милијарди литри вода годишно. Од компанијата изјавиле дека не се користи целата вода, но треба да бидат сигурни дека имаат доволно.

„Гугл“ со години работи за да го намали испуштањето на јаглеродниот диоксид од податочните центри. Сепак, експертите велат дека најчесто кога се намалува користењето вода, се зголемува потрошувачката на енергија и обратно.

Од компанијата велат дека обрнуваат поголемо внимание на потрошувачката на вода во последните години со тоа што трошат рециклирана или морска вода тогаш кога може да го одбегнат користењето питка вода. „Гугл“ велат и дека во центрите се штеди вода со систем за циркулација на водата, со кој истата вода се користи повеќепати.

Извор: time.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија