X
 05.05.2017 Живот

Родители, овие нешта сакаат да ви ги кажат децата!

Постојат бројни препораки од експертите што се наменети за родителите кои се обидуваат да ги подобрат своите родителски вештини, но секако најзначајна од сите е способноста да се ислуша детето и да се почитуваат пораките што тоа ги испраќа до нив.

За да се постигне тоа, најпрво треба да се знае како децата реагираат на однесувањето на родителите кон нив, затоа што правилната комуникација е двонасочна активност меѓу соговорниците.

На вонредно добриот руски сајт psychologies.ru, може да се најде една интересна листа на совети за секој родител, која е замислена како лично обраќање на едно петгодишно дете кон родителот.

1. Немој да ме разгалуваш; јас знам дека не си обврзан да ми ја исполниш секоја желба.

2. Не се плаши да разговараш со мене најотворено.

3. Не дозволувај да стекнувам погрешни навики – одвикнувањето од нив ќе ми биде уште потешко.

4. Не прави да се чувствувам дека моето мислење не е важно, во тие моменти нема да се однесувам убаво. Тоа би требало да го знаеш.

5. Не ме поправај во присуство на други луѓе. Подобро ќе усвојувам нови податоци кога нештото ќе ми го кажеш очи во очи.

6. Немој да ми предизвикуваш чувство дека моите грешки се страшни престапи.

7. Не ме заштитувај цело време од последиците на моите постапки. Треба да научам дека за секоја акција постои  реакција.

8. Не обрнувај внимание на моите задевања. Понекогаш едноставно сакам да зборувам со тебе.

9. Не се навредувај кога ќе кажам дека те мразам. Не те мразам, само се бунтувам против твојата власт.

10. Не повторувај сè по 100 пати, инаку ќе се преправам дека не те слушам.

11. Немој да даваш нереални ветувања. Ќе ми биде тешко ако не ги исполниш.

12. Не заборавај дека јас сè уште не можам во потполност да објаснам што чувствувам.

13. Не ја барај вистината од мене кога се лутиш; можеби ќе те излажам од страв.

14. Немој да бидеш недоследен(а); тоа ме расипува.

15. Не ги оставај неодговорени моите прашања. Јас сеедно ќе ги барам одговорите, макар и на друго место.

16. Не ми вели дека моите стравови не се важни. За мене се многу важни, не се мали и стануваат сè поголеми кога ти не ги разбираш.

17. Не се преправај дека си совршена личност која не прави грешки. Ќе ми биде многу тешко кога ќе сфатам дека не е така.

18. Немој да мислиш дека не е достоинствено ако ми се извиниш мене. На тој начин ќе ме научиш и јас така да се однесувам.

19. Не заборавај дека јас брзо растам. Ќе мора почесто да се приспособуваш на мене.

20. Немој да ми забрануваш да експериментирам. Без тоа не можам да се развивам.

21. И како последно, запомни дека не можам да израснам во среќен човек ако дома не ме сакаат многу, многу. Но тоа ти веќе го знаеш.

Од блогот на една мајка.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот