X
 05.05.2021 Здравје

Што ако сте добиле порака со погрешно место за вакцинација против ковид-19?

Министерството за здравство ја информира јавноста дека по серијата информации од граѓани во јавноста, претежно на социјалните мрежи, дека за вакцинација добивале СМС-пораки да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат, системот „Мој термин“ направи анализа и ја увиде следната состојба: граѓаните при закажување на веб-страницата vakcinacija.mk сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат, поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот што сами го одбрале.

Министерството за здравство ги информира сите граѓани што се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација, истото да го сторат денеска, во местото каде што живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град. Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт, да ја покажат пораката што ја добиле, односно каде што пишува дека вчера имале термин за вакцинација.

Ова важи за сите граѓани што и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем.

- На пример, лицето добило порака дека треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје. Денеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје, но задолжително да ја прикаже пораката што ја добило за вакцинација. Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира веднаш - објаснуваат од Министерството за здравство.

Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето што го добиле за вакцинација за да не се создава метеж на вакциналните пунктови.

- Апелираме до граѓаните да се пријавуваат за вакцинирање на веб-страницата vakcinacija.mk, тоа е најлесниот и најбрзиот начин за да се вакцинираат - велат од МЗ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје