X
 05.06.2017 Живот

Бруно Шимлеша, писател: Добар родител учи и се труди да ги исполни детските потреби, а не желби

„Моментално владее епидемија на воспитување со попуштање при што родителите веруваат дека детската интуиција сама ќе знае што е добро, а што не е. Тоа нема смисла. Родителите се зрели личности, а децата премногу често сакаат да одат по линија на помал отпор. Секако дека не е нормално да се воведуваат и премногу строги граници, тие треба да бидат разумни и складни со возраста и со карактерот на детето“, вели Бруно Шимлеша, популарен хрватски автор, колумнист, ТВ-водител и мотивациски говорник од областа на популарната психологија и духовност. Во интервјуто за Факултети.мк тој зборува за уметноста на здравото воспитување, грешките, советува родителите да не дозволат да им се случи т.н. бебетомија, кога ќе се запостават себе си, но и да не заборават постојано да учат...


Фото: Бруно Шимлеша


Факултети.мк: На конференцијата „Родителството во ХХI век“ ќе предавате за правилата на свесното воспитување. Што значи свесно воспитување?
- Родителите треба да бидат свесни и за благородноста и за одговорноста на својата улога. Не постојат совршени родители и никој нема подготвени одговори за се. Секако, овде се вбројувам и себе си. Иако солидно го познавам функционирањето на нашата психа, па и на детската психа, а одделувам и многу време за семејството, сепак постојано учам. Учам како теоријата на воспитувањето да се преведе на јазик кој може да го разбере мојата ќерка. Тоа е вистинска уметност. Не само што им го зборуваме она што го знаеме и она за што сме свесни, туку и употребуваме јазик кој нашите деца можат да го разберат.

Факултети.мк: Какви грешки најчесто прават родителите при воспитувањето?

- Важно е на децата да им се постават разумни граници. Моментално владее епидемија на воспитување со попуштање при што родителите веруваат дека детската интуиција сама ќе знае што е добро, а што не е добро. Тоа нема смисол. Родителите се зрели личности, а децата премногу често сакаат да одат по линија на помал отпор. Секако дека не е нормално да се воведуваат и премногу строги граници. Границите треба да бидат разумни и складни со возраста и со карактерот на детето. И секако, за различни деца треба да се создадат различни граници.

Факултети.мк: Кои се постулатите на здравото воспитување?
- На почетокот, треба прво да се погрижиме за себе. На родителите често им се случува т.н. бебетомија, кога во првите неколку години од раѓањето на детето целосно се занемаруваат себе си, а често се случува така да продолжат и понатаму. Тоа особено им се случува на мајките. Не велам дека треба да се занемарат основните потреби на своите деца, но никако не смееме да ги занемариме и сопствените потреби. Себе си не смееме да се оставиме на последно место во животот, бидејќи тоа долгорочно не може да функционира и нема да бидеме среќни, па ни на другите нема да можеме да им го дадеме најдоброто од нас.

Факултети.мк: Како родителите ќе знаат дека се на вистинскиот пат при воспитувањето, особено кога децата им се на помала возраст?
- Дури и кога сме убедени дека децата ни се на прав пат, не смееме да се опуштиме. Природата на воспитувањето и односот со децата драстично се менува со текот на нивното созревање, но ние и понатаму сме мама и тато. Сметам дека нашите деца се на вистинскиот пат ако знаат да сочувствуваат, ако ги прифаќаат другите деца и децата различни од нив, ако ги знаат своите таленти и се трудат да ги развијат. Не мора сите деца да имаат петки по математика. Нашата одговорност како родители е да откриеме во што се најдобри нашите деца и да им помогнеме да го развијат нивниот талент.

Факултети.мк: Кога родителите траба да побараат помош?
- Помош треба да се побара пред водата да ни дојде до грло. Поголемиот дел од родителите, како и поголемиот дел од паровите, предоцна бараат помош. Мислам дека сите треба постјано да учиме, и нормално е да го признаеме тоа. Нормално е да побараме помош веднаш штом сфатиме дека со нашето дете не зборуваме на ист јазик. И тоа што побргу – толку подобро.

Факултети.мк: Денес родителите често се опседнуваат со пребарување информации на Интернет. Каков е вашиот став по тоа прашање?
- Тоа има и добра и лоша страна. Добрата страна е дека на Интернет се достапни бројни информации. Но, во исто време, тоа е и лошата страна, бидејќи може да се прочита се и сешто. Јас сметам дека треба да им веруваме на стручњаците. Да им веруваме на оние кои се докажале во својата област, па имаат или успешна терапевтска пракса или научно образование. Често бараме „авторитети“ кои само ќе го потврдат она во што сакаме да веруваме, но тоа е добро само за нашето его, а не и за нашето дете.

Факултети.мк: Како се станува добар родител?
- Учење, учење, учење, учење... Да не се занемаруваат себе си и да не си го сведуваат животот само на улогата родител. Да ја разберат разликата меѓу желбата и потребата на детето и да се трудат да ги задоволат детските потреби, а не желби.

Факултети.мк: Како вие постапувате со вашата седумгодишна ќерка во ситуација во која многу родители често се наоѓаат?
- На ќерка ми и поставувам јасни граници и секогаш има казна ако се преминат тие граници. Секако дека тука не мислам на физичко казнување, туку таа казна треба да биде нешто што детето ќе го почувствува како казна. Притоа е важно да не ја изгубам контролата, да не викам или, уште полошо, да не навредувам. Со тоа не се гради авторитет, туку страв кај детето, и со тоа не му помагаме. Исто така, ако во воспитувањето се вклучени двајцата родители, важно е тие да се сложни по клучните прашања. Затоа за се што е важно се договараме со сопругата.

За конференцијата може да се информирате ТУКА
Подготвил: Н.Б.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот