X
 05.06.2018 Живот

Листа со градови што ќе ви платат да се доселите

Италијанскиот град Ололаи продава куќи за еден долар надевајќи се дека на тој начин ќе привлече нови жители, пред сѐ млади, за да се обнови изретченото население. Меѓутоа, оние што би сакале да ја прифатат поканата треба да имаат на ум дека имаат и обврска да ја обноват градбата што ја купиле, за што, според процените, ќе им бидат потребни околу 25.000 долари.

Фото: Sputnik

Но, има и други градови во светот што даваат „непристојни понуди“ за да привлечат доселеници.

Албинен, Швајцарија

Во ова селце на швајцарските Алпи, кое има само 240 жители, одат многу туристи, но алармот се вклучи кога многу жители почнаа да се иселуваат. Поради тоа, понудата за новите жители гласи: 26.000 долари за возрасен и 10.000 долари за дете доколку сакате да станете жител на селото.

Сепак, и тука има некои услови. Пред сѐ, треба да сте помлади од 45 години и мора да останете во селото најмалку десет години. Недвижностите во кои би сакале да се вселиле мора да ги користите за живот, а не како викендичка, и мора да вредат најмалку 200.000 долари.

Фото: Sputnik

Алјаска, САД - кој било град


Жителите на Алјаска, кои во оваа најмлада и најголема американска сојузна држава живеат цела година, добиваат годишна дивиденда која властите ја собираат од надоместокот за експлоатација на природни богатства.

За да може граѓанинот да добие дивиденда, мора да живее на Алјаска цела година. Дозволено е заминување, но граѓанинот мора да покаже желба и волја да го помине животот на Алјаска. Доколку сте отсутни две години, мора да поминете најмалку 72 часа на Алјаска за да ви биде исплатена дивидендата.

Минатата година секој граѓанин на Алјаска добил дивиденда во износ од 1.100 долари.

Фото: Sputnik

Саскачeвaн, Канада

Овaа покраина, позната по активностите во природа, се обидува да привлече студенти со разни стипендии. За да ги исполните условите и да станете корисник на стипендија, мора да живеете и да плаќате данок.

Износите што некој може да ги добие се движат од 3.000 долари за едногодишни студии до 20.000 долари за четиригодишни дипломски студии. Меѓутоа, исплатата не е во готово и се исплаќа во рок од седум години, во текот на кои морате да живеете и да плаќате данок во градот.

Фото: Sputnik

Мишима, Јапонија

Со посебно добредојде, жителите на ова јапонско село, кое има 400 жители и се простира на три острови, ќе бидат пречекани самците, на кои ќе им биде организирано и запознавање со можни партнери или партнерки.

Во секој случај, без разлика дали е самец или не, оној што ќе реши да се всели во Мишима ќе добие крава, платени патни трошоци до 800 долари и стипендија за првите три години живот во селото.

Освен кравата, во дополнителните предности на живеење во Мишима се и ниските цени за изнајмување куќа (околу 200 долари), како и плаќањето на трошоците за раѓање дете и трошоците за неговото образование.

Фото: Sputnik

Островот Питкерн, Пацифик


Со девет фамилии и околу 50 жители, овој остров е територија со најмалку жители на светот.

Како најизолирано место на светот, Питкерн е вистински рај за оние што не сакаат метеж. Сѐ што треба да направите е да одите на островот и да добиете парче земја.

Сепак, откако понудата е на маса, од 2015 година, само едно лице го направило тоа. На островот има само една продавница која работи три дена во неделата, а сѐ што нема во неа треба да го нарачате од Нов Зеланд, кој е оддалечен 4.000 километри. Брод од Нов Зеланд го посетува островот на секои три месеци.

Фото: Sputnik

Кандела, Италија

Во овој живописен град во Апулија, на југот од Италија, некогаш живееле околу 8.000 жители, но денес тој број е четири пати помал. Младите го напуштиле градот и заминале во потрага по подобар живот во околните поголеми градови.

Поради големиот број напуштени куќи, градските власти понудиле интересни финансиски решенија за да привлечат нови жители и да ги обноват градбите.

На секој што ќе изнајми куќа во градот и ќе докаже дека има работа која му носи најмалку 7.500 евра годишни приходи, градоначалникот му дава уште 2.000 евра за добредојде.

Фото: Sputnik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот