X
 05.06.2019 Култура

Кинематограферот на „Ерин Брокович“, „Јас не сум таму“, „Керол“... е добитник на „Златна камера 300“

Американскиот кинематографер Ед Лакман е добитник на престижната награда што ќе ја добие на јубилејното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола

Американскиот кинематографер Ед Лакман е лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола. Ед Лакман е соработник на режисерот Тод Хејнс („Керол“, „Јас не сум таму“).
Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмските професионалци, рече дека ИФФК „Браќа Манаки“ е најзначајниот проект на ДФРМ и дека четиридецениската работа е навистина импозантна бројка.



„Во годината кога славиме јубилеј на фестивалот, а в година ќе одбележиме 70 години на ДФРМ, може да кажам дека конечно спласнаа сите оние контрадикторности и антагонизми што во нашата фела беа присутни со децении. Сметам дека за целиот конгломерат на институции, почнувајќи од Агенцијата за филм, која сите нас нѐ финансира, ДФРМ како асоцијација на професионалци, образовните институции, се разбира, Кинотеката, без која не би можел да се реализира фестивалот и сите останати помали или поголеми институции поврзани со филмот, тука мислам и на филмската критика, почнуваат да дуваат поволни ветришта и дека македонската кинематографија оди во позитивен правец, таа добива сопствен облик и специфика и слика пред светот, со која ќе се претставува во годините што доаѓаат“, рече Иванов.

Иванов информираше дека и оваа година ДФРМ ќе ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Директорката на фестивалот „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, истакна дека подготовките за јубилејното издание се интензивни.
- И додека сите заедно со Иванов и со Благоја Куновски работевме напорно на оваа издание, паралелно работевме и на други наши соработки, веќе ве известивме дека фестивалот ја доби големата награда на „Имаго“ за особени заложби во областа на филмската уметност. Наш претставник презентира пет кратки македонски филма на фестивалот за краток филм во Познањ, Полска, и претставивме пет млади режисери. Минатата недела во Данскиот филмски институт претставивме македонски играни филмови од помладата генерација наши режисери и затоа мислам дека овој фестивал прераснува во партнер на европските и светските фестивали, што беше и нашата мисија – фестивалот да не биде само прикажување на филмови, туку да биде оска на поврзување на нашите филмски автори со европските и светските филмски автори - рече Теодосиевска.



Таа информира дека годинава терминот на фестивалот е поместен порано поради совпаѓањето со фестивалот во Сан Себастијан и можноста повеќе филмски критичари и новинари, особено од регионот, да го проследат „Браќа Манаки“.
На прес-конференцијата беше пуштена и видеопораката на Лакман, кој се заблагодари за наградата и рече дека тоа за него значи уште едно поврзување со неговото источноевропско потекло. „Во Источна Европа ја најдов уметноста, во Америка животот“.
Едвард (Ед) Лакман веќе подолго време бил еден од кандидатите за наградата за животно дело и нов член во клубот на великаните на „Браќа Манаки“, рече Благоја Куновски-Доре. Тој додаде дека името на Лакман е на самиот врв не само на американскиот, туку и на светскиот филм и е вистинско задоволство што тој ја прифати поканата да дојде на фестивалот.



- Лакман со децении е во врвот на американската кинематографија и повеќе пати номиниран за „Оскар“. Но сега ние со задоволство му го даваме нашиот „Оскар“, „Златната камера 300“ за животно дело, која тој апсолутно ја заслужува. Имајќи го за нов лауреат на „Златната камера 300“ за животен опус, со инспиративната димензија на неговата неуморна творечка енергија и со сета негова хумана, алтруистичка благородност - во ликот на Ед Лакман, прославата на 40-годишнината на „Браќа Манаки“ добива најсоодветен чин на воспевање на уметноста на кинематограферите - рече Куновски.

На прес-конференцијата се обрати и директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илиевска, која извести дека годинава особено внимание Центарот ќе посвети на Фестивалот, со оглед на јубилејното издание. Таа кажа дека не ги добиле бараните средства за посовремена техничка опрема од Министерството за култура, но дека добиле нов агрегат и Центарот ќе одговори на високите критериуми на фестивалот.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура