X
 05.07.2018 Наша тема

Дипломира со просек 10 на Филозофски факултет, сонува да придонесе светот да живее во мир

Единствено знам дека моето академско знаење сакам прво да го споделам во мојата држава, активно да придонесам да се превенираат сите причини што доведуваат до појава на конфликти, вели Ерблин Браими

Уште од мал имал амбиции да биде најдобар. Конфликтите и страшните последици од нив му се врежале во сеќавањето кога имал десет години. Тоа било и причината што решил да се посвети на изучување на општествените науки. Ерблин Браими се запишал на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје на насоката Мир, дипломира со просек 10 и беше прогласен за еден од најуспешните студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со него разговараме за мотивацијата, инспирацијата, за идните планови.


Ерблин Браими

Што Ве мотивираше да се запишете на Филозофскиот факултет на студиската програма Безбедност, одбрана и мир?
- Уште во детството проучував нови работи и од сите нешта најмногу ме привлекувале токму општествените науки. Од 10-годишна возраст активно ги следам дневните случувања. Секогаш најсилен негативен впечаток ми оставале конфликтните случувања. Тоа беше главна причина што одбрав да студирам на насоката Мир при Институтот за безбедност, одбрана и мир. Бидејќи конфликтите со самата појава носат многу лоши искуства и последиците од нив се страшни – потребни се децении за да се рехабилитира општеството од тие искуства.

Дипломиравте со највисок просек, 10. Дали го очекувавте ова кога се запишувавте на факултет?
- Имав големи очекувања уште кога го почнав моето образование. Така, кога се запишав на факултет, имав амбиции да остварам големи и врвни резултати. Од денешно гледиште, остварените резултати биле во рамките на моите очекувања.

Сте преполагале ли некогаш испит или сите од прва ги положивте со 10-ка?
- Двапати преполагав испит бидејќи моите амбиции не ми дозволуваа да прифатам помала оценка од одличната. Токму затоа се решив двапати да седнам да научам повеќе и да преполагам испит.

Кој професор најмногу Ве инспирираше во текот на студиите?
- Сите професори беа одлични и ме мотивираа цело време во текот на студиите, но најинспиративна ми беше професорката Рина Киркова, која со своето знаење знаеше детално да ги опише проблематиките и решенијата во областа на конфликтите. Постојано ме мотивираше со разни совети, придружени со различни материјали за проучување.

Каде планирате да го продолжите своето образование?
- По една година пауза и длабоко размислување, следното академско достигнување би сакал да го продолжам надвор од границите на државата, на некој од престижните универзитети во Германија, за да стекнам нови знаења и да ги практикувам активно во мојата држава.


Врвот во кариерата го гледа во Обединетите нации   Фото: Wikimedia Commons

Каде се гледате професионално за 10-15 години?
- Не би можел со сигурност да одговарам. Единствено знам дека моето академско проучување сакам прво да го споделам во мојата држава, активно да придонесам да се превенираат сите причини што доведуваат до појава на конфликти. По ангажманот во моето општество, следна цел ќе ми биде да придонесувам активно со моите знаења во некои од меѓународните организации, како што се НАТО и Организацијата на Обединетите нации, каде што активно би се залагал за зачувување на мирот и во светски рамки.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема